Заев од Куманово заборави на бугарскиот фашистички окупатор, но се пофали за договорот со Бугарија

Премиерот Зоран Заев го заборави бугарскиот фашистички окупатор во своето свечено обраќање за 11 октомври, во спомен костурницата во Куманово. Многу други теми беа во говорот на Заев, но не и против кого започнала народно ослободителната борба на Македонците во 1941 година. Овој историски факт изостана од говорот на премиерот, но не изостанаа фалењата за потпишаниот договор со Бугарија, со кој македонската страна не смее да ги споменува зборовите „бугарски фашистички окупатор“.

-Досега приоритетите ги насочувавме на надворешен план. Со упорност и одважност ги постигнавме договорите за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија, договорот од Преспа со Грција. Со кои по децениско заостанување Северна Македонија направи пробив на меѓународен план. Сето ова реализираше првенствено низ полноправното членство во НАТО, изјави Заев.

Тема на обраќањето на Заев беше и ковид пандемијата, но и односите со соседите, кои премиерот ги нарече сојузници, иако Бугарија ни се заканува дека ќе не блокира на евроинтегративниот пат.

-Соседите денес ни се сојузници и силни поддржувачи на меѓународен план. Ова е од исклучително значење токму сега во борбата со пандемијата од Ковид 19, кога со сите држави од соседството, Бугарија, Србија Косово, Албанија и Грција, секојдневно заедно соработуваме во справување со кризата, изјави Заев.

Заев во својот говор кажа и дека Македонија е меѓународно призната држава со сопствена армија, со државна валута и сите постулати на државноста. Потенцираше дека нашето место во Обединетите нации е кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и идентитет, кои исто така се оспорувани од бугарска страна.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста