Заев: Ние не сме веќе македонска политичка партија- дали СДСМ се додворува на албанските гласачи?

-Ние не сме веќе македонска политичка партија, ние сме мултиетничка политичка партија.
На помалку од два месецa до изборите оваа порака ја испрати лидерот на владејачката СДСМ. Вели неговата партија повеќе не била македонска, била мултиетничка. Според познавачите целта на оваа порака е Заев да се додвори до албанското гласачко тело. Аналитичарот Александар Даштевски за Алфа вели со ваквиот потег поранешниот премиер, може многу да загуби кај македонските гласачи.
-Сметам дека е исклучиво поради додворување до албанскиот електорат, бидејќи кон тој електорат ништо не е остварено, ниту пак видовме дека некој друг се приклучи освен тие луѓе кои што претходно, пред изброите беа веќе таму. Дури некои од нив направија и штета на таа партија, како што се Мухи Зекири, Едмонд Адеми. Оваа изјава не би влијаела позитивно врз македонското гласачко тело, изјави Даштевски за Алфа.
И аналитичарот Марко Трошановски смета дека поради ваквиот став на поранешниот премиер, СДСМ би можеле да изгубат кај дел од македонските гласачи. Тој за Алфа вели дека владејачката партија веќе има високи функционери од други заедници, па поради тоа може да се претставува како мултиетничка.
-СДСМ покажа дека и во своите раководни структури, но и со номинациите за локалните избори, а и во Парламентот во своите редови има претставници на другите етнички заедници. И во таа смисла мислам дека има право себеси да се декларира како мултиетничка партија, изјави Трошановски.
Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски изрази зачуденост од изјавата на Заев, вели до 12 април од него можело да се изнаслуша се. Порача дека ВМРО-ДПМНЕ останува македонска партија, која ќе биде заштитник на интересите на македонскиот народ, но и другите етнички заедници.
-Не можам да донесам некој логичен заклучок, како може човек да се срами од родот свој, а да очекува дека другите етникуми повеќе ќе го почитуваат, кога гледаат дека тој практично своите ги остава. ВМРО-ДПМНЕ останува македонска партија, која што била и ќе остане единствен заштитник на националните интереси на македонскиот народ, на граѓаните на Република Македонија, другите етнички заедници, но и на Република Македонија, изјави Мицкоски.
Инаку, во јавноста веќе се појавија информации дека е можна предизборна коалиција меѓу СДСМ, ДПА и БЕСА. На некој начин и Заев го потврди тоа, велејќи дека коалицирање на СДСМ со партии од албанскиот блок пред избори е реалност.
Матеја Петровски