Заев нема да бара одговорност за Глобал- ќе куртулат ли можните виновници за големиот пожар?!
Заев избегна одговорност за Глобал, дали ќе избегнат и можните виновници за големиот пожар? Премиерот нема да бара одговорност од никого за неисправните хидранти во трговскиот центар во Струмица. Ова доаѓа откако пожарникарите предупредија, дека ако истите биле исправни, катастрофата ќе била избегната, или барем бргу санирана. Додека јавноста бара одговори и одговорност за големиот пожар, Заев вели не можел да бара такво нешто, дуќаните биле приватни.
-Тие се сопственици на дуќаните, не е општината сопственик на дуќаните, општината е сопственик само на пазарот кој претрпе штета, и организацијата во колективните објекти, како е трговски центар Глобал е одговорност на самите луѓе кои што се сопственици, ниту на државата, ниту на општината, ниту на било кој. Секако хидрантската мрежа работела во некој дел, во одредениот дел не била достапна и пристапна, не барам од никој одговорност или слично, изјави Заев.
Она што претставува плус проблем, а сега излезе на виделина, но се провлекува долги години, е неопременоста на струмичката противпожарна единица. Во акцијата од таму беа вклучени само два дотраени камиони, стари 40 години. А не се знае ниту кога последен пат бил извршен инспекциски надзор на против пожарната опрема во Глобал. На ова прашање одговор немаше ниту Заев, не испрати одговорите да сме ги барале во надлежните инспекции, кои се под надлежност на Владата предводена токму од него.
-А секако после тоа следуваат контролите на инспекторите во државата, веројатно тоа е инспекторатот за труд и социјални работи, техничкиот инспекторат при Министерството за економија и сите други надлежни инспекторати. Треба да ги прашате, да ви кажат кога последен пат е направено, дали е проверено, каков е односот и на другите објекти во државата и слично, изјави Заев.
Додека Заев не бара одговорност од никого, за причините за пожарот во Глобал ќе истражува струмичкото Обвинителство.
-Надлежен јавен обвинител увидот го врши во координација со увидна екипа од крим техника МВР и СВР Струмица, а обвинителството повика и вешти лица за пожари и експлозиви и за електрика со цел утврдување на причините за настанатиот пожар. Воедно, повикани се и вешти лица од областа на градежништвото и архитектурата, како и од материјално финансиско работење со цел утврдување на видот и висината на настанатата штета, велат од ОЈО Струмица.
Трговскиот центар Глобал зад себе има низа скандали, контроверзии и сомнежи за криминал уште од неговата изградба. Прво беше дивоградба, која подоцна беше легализирана. А за истиот случај беше отворен и предмет против Заев, кој заврши и во притвор, пред да биде аболициран од страна на тогашниот претседател Бранко Црвенковски.
Матеја Петровски