Заев не знае каков е тој „непосакуван начин“ на носење на законот за СЈО

Ако не се донесе до 15 септември законот за јавно обвинителство во консензус со опозицијата тогаш ќе се донесел на непосакуван начин, повтори денеска претседателот на Владата. Дали е тоа закана односно што значи непосакуваниот начин , Заев денеска, на заедничката прес конференција со некогашниот американскиот амбасадор во земјава Филип Рикер, рече оти не знае.
-Државата ќе биде во непријатна состојба да изнајдува непосакувани начини за да може да продолжи јавното обвинителство да работи. Не ги знам тие начини ама знам дека ќе бидат понепријатни, непосакувани, оти ќе мора да седиме на лидерски средби да мислиме, да доаѓаат експерти, да изнаоѓаме решенија, рече Заев.
Екс амбасадорот сега помошник државен секретар својата клучна порака ја испрати до ВМРО ДПМНЕ. Рече дека е неопходна опозицијата за здрави демократски решенија, мислејќи на законот за обвинителство, но оти времето на политички игри е завршено.
-Како и во секоја вистинска демократија улогата на опозицијата е клучна, но таа опозиција мора да биде конструктивна. А времето на политички игри и истакнување и големи гестови како и играње со перспективите и идеите на граѓаните е веќе е поминато. Мојата порака е јасна време е да се придвижат работите за доброто на државата, рече Рикер.
Рикер ја почна посетата во Македонија од Битола, каде се сретна прво со градоначалничката, средба што во јавноста се гледа низ призмата на случајот „Рекет“ – оти самиот Заев неодамна ја спомена Битола како општина во која биле барани одредени услуги од лица инволвирани во случајот. Ја завршува денеска со средби со целиот државно – политички врв.
Инаку американскиот сенат се очекува да го ратификува протоколот за македонското членство во НАТО септември или октомври.
Искра Коровешовска