Заев не знае, Црвенковски молчи, Јовановски најавува раздвижување: Ќе има ли нова социјалдемократска партија?

Премиерот Зоран Заев не знае дали Бранко Црвенковски ќе формира нова партија, но вели не верувал во овие шпекулации. Околу ваквите информации се уште молчи и поранешниот претседател на Македонија, што уште повеќе ги зголемува сомнежите дека вакво нешто е можно. Заев вели Црвенковски бил приврзан со партијата, која во минатото му помогнала да стане премиер и претседател на Македонија.

-Претседателот Црвенковски не може да биде друго освен СДСМ и тоа ни е јасно на сите општественици, мала ни е Македонија и ни е тоа јасно. И затоа не верувам во вакви приказни кои што се пуштени во јавноста дека претседателот Бранко Црвенковски, ќе формира нова партија, тоа не е точно, но ќе треба дефинитивно да го прашате претседателот Црвенковски. Јас го кажувам затоа што еден од основачите, претседател на партијата долг период, изјави Заев.

Дека се очекуваат промени на политичката сцена, посебно во владејачката партија, покажуваат многу работи во последниот период. Пред се повлекувањето на Радмила Шекеринска од функцијата заменик претседател на СДСМ, со што во раководството на Заев не остана ниту еден од оние лица кои беа први соработници на Црвенковски. Еден од нив е и Зоран Јовановски, поранешен потпретседател на социјалдемократите, кој на Фејсбук напиша дека наредниов период се очекуваат промени на политичката сцена.

-Се раздвижува политичката сцена. Како што ми се гледа мене, во тек е процес на дистанцирање… ,напиша на Фејсбук Зоран Јовановски.

И покрај ваквите најави и коментари од поранешни високи партиски функционери, Заев смета дека партијата биле обединета, иако и сам ги спомена независните советнички листи, кои видни локални партиски ликови од Охрид ги подготвуваат.

-Еве во Охрид се најавува некоја нова листа, од наши докажани социјалдемократи, кои верувам дека внатре во редовите на партијата низ органите и телата на партијата секој пат ќе можат да дискутираат и да изнајдат решение на оваа компетитивност, кој што да биде, амбициите за кандидати, не само за градоначалник и за советници и за други општествени функции или слично, изјави Заев.

Инаку, како што е веќе познато, Црвенковски пред неколку минути преку отворено писмо го замрзна своето членство во СДСМ, но и побара одговорност од Заев и раководството на партијата, поради лошите и погубни политики во однос на спорот со Бугарија.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста