Заев: Не прифаќам смена на Катица Јанева

И покрај формирањето на работните група на власта и опозицијата, сепак Владата на државава засега не планира ги прифати барањата на ВМРО-ДПМНЕ за предлог законот за СЈО. Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски вели дека нивните ставови се драстично поразлични од оние на опозицијата, која бара СЈО да биде оддел во ОЈО, а тие сакаат Специјалното обвинителство да остане како посебна институција. Бошњаковски вели дека следната средба на групите ќе биде во петок, но потенцираше дека предлог законот е добар и треба што е можно поскоро да стапи на сила.
Адвокатот Тони Менкиноски кој ја предводи работна група на ВМРО-ДПМНЕ за предлог законот за СЈО, како посебна институција вели дека граѓаните на државава не заслужуваат да се усвои ваков закон кој според Менкиноски е монархистички. Тој посочи дека функционирањето на СЈО како оддел на јавното обвинителство мора да биде засновано на закон, дека мора специјалниот јавен обвинител да одговара пред некого. Менкиноски истакна и дека во предлогот за измени во Законот за јавно обвинителство не се применети Венециските правила, а тој закон треба да оди пред Венециската комисија.
Не можеме да излеземе надвор од меѓународните стандарди, не можеме да излеземе надвор од суверенитетот на граѓаните, или да направиме некој монарх кој ќе се однесува како сака. Мора да има закон кој ќе биде пример како ќе се перцепира обвинителството кој ќе биде пример како треба да биде орган кој ќе ги штити човековите правата на граѓаните, а не орган кој ќе врши репресија. Ние не почувствувавме како нација дека ова обвинителство досега не штити, потенцираше Менкиноски.
Дека власта нема да исполни барањата на опозицијата и покрај работните групи кои се состануваат, е и изјавата на премиерот Зоран Заев кој вели дека нема да прифати смена на Катица Јанева, која според Заев, во тешките времиња била трошката надеж за враќање на правната држава.

Мери Ѓорѓиевска