Заев не поднесе оставка, 61 потпис доставен, во четврток се гласа недоверба на владата
Пратениците во четврток ќе одлучуваат за судбината на актуелната влада, откако пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ и официјално поднесе барање до собранискиот спикер за гласање на доверба на владата на Заев. Пратеникот Александар Николовски потврди дека на барањето се потпишани 61 пратеник од ВМРО-ДПМНЕ , Алијанса за Албанците и Алтернатива, БЕСА и Левица.
– Вкупно 61 пратеник ја потпишаа ова Иницијатива и 61 потпис се доставени заедно со оваа иницијатива до македонското Собрание. Очекуваме Претседателот на Собранието согласно роковите утврдени во Уставот и Деловникот во најбрз можен рок да свика седница на која што ќе се гласа за доверба на Влада, истакна Николоски.
Николовски потврдува дека во тек се и интензивни разговори и со други пратеници во Собранието за поддршка на Иницијативата за недоверба на владата.
Инаку, за втор пат годинава, владата на Заев ќе биде ставена на тест. Од кабинетот на собранискиот спикер Талат Џафери потврдија дека иницијативата е пристигната и седницата веќе е закажана за четврток во 11 часот.
Претседателот на Собранието, г. Талат Џафери, согласно член 215 став 2 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија, ќе ја свика седницата за поставеното барање за гласање за доверба на Влада, а истата ќе се одржи на третиот ден од денот на поставување на прашањето за доверба на Владата, односно во четврток (11.11.2021), во 11.00 часот, Според член 215 став 3 од Деловникот на Собранието, рокот за свикување на седница почнува да тече наредниот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба на Владата, велат од кабинетот на Џафери.
Ако на Владата ѝ е изгласана недоверба, претседателот на Владата до Собранието поднесува оставка во рок од 24 часа од изгласувањето на недовербата. За изгласаната недоверба на Владата и за поднесената оставка, претседателот на Собранието веднаш го известува претседателот на државата, затоа што почнува да тече рокот од 10 дена за доделување на мандатот за состав на нова влада.
Ивана Соколовиќ Најдова