Заев не одговори за ветото пред новинарите во Mакедонија, за српски Kурир вели-постои решение за сè

Постои решение за сè, но треба да се избере вистинскиот момент – ваква изјава дал премиерот Зоран Заев за српски Курир, по фијаското со обидот да се тргне бугарското вето. Но наместо дома да објасни за сите што всушност понудила Европа и кои ќе бидат шансите Македонија да продолжи со интеграциите, Заев по два дена молк одучил да проговори за медиум во соседството.

– Кога на Балканот има избори, тоа се тешки моменти, тешко се решаваат проблемите, а избори сега имаше во Бугарија. Се разбираме исто како и со Србија, зборуваме слични јазици и верувам дека ќе најдеме разумно решение. Кога ќе ги прашаме: „Зошто не ни го признаете македонски јазик?”, тие велат: „Не, ние таа реалност ја прифаќаме, но дајте да видиме кои се корените”. Ние имаме заедничка историја, цела Европа има заедничка историја, а камоли на Балканот. Од таа иста историја се создадоа народи- македонскиот, српскиот, бугарскиот, хрватскиот – одговори Заев.

Со образложение дека брзаат Заев и европската двојка Вархеји-Силва одлучија да не се соочат со новинарите ниту по средбата во Скопје. Во јавност го нема ниту  вицепремиерот Димитров. Останавме покуси и за детали околу тоа што содржи самиот документ. Според министерот за надворешни работи Османи, сега не бил погоден момент да се зборува што содржи понуденото решение.

Експертската јавност предупредува дека секој договор кој и се нуди на Македонија нема да биде полезен, прашање е само колкава штета ќе и биде нанесена, вели за Алфа поранешниот дипломат Ристо Никовски.

Дополнителен проблем за Македонија според него, е одлуката на претседателот Пендаровски да патува во Рим со бугарскиот колега Радев. Со таква политика Македонија може да смета дека ќе дојде момент кога ќе мора да ги прифати неразумните барања на Бугарија.

Официјална Софија бара гаранции дека Македонија ќе го почитува наведеното во договорот за добрососедство, па потоа да се надева на укинување на ветото.

Ивана Соколовиќ Најдова

.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста