Заев не одговара дали ќе прифати Албанец премиер- ќе ги прифати ли СДСМ големите барања на Ахмети?
Дали Заев ќе попушти пред големите барања на Ахмети? Според неофицијалните информации до кои дојде Алфа телевизија, ДУИ и СДСМ се блиску до договор, но во моментов камен на сопнување била поделбата на ресорите. Покрај премиерското столче во првата година, неофицијално Ахмети од Заев барал и „жестоки“ функционерски позиции, и тоа министер за внатрешни работи, за финансии, директорска позиција во УЈП, како и гувернерското место во Народната банка.
Детали околу преговорите не откриваат се уште ниту од двете партии. Ахмети уште еднаш повтори дека колку се блиску, толку се и далеку од договор со Заев. Сепак, порача дека ќе треба од СДСМ да дадат силни аргументи зошто не би бил Албанец премиер.
-Работите не се во лош правец, сум изјавил претходно ќе изјавам пак, работите се толку блиску колку што се и далеку истовремено. Очекувам да ги слушнам аргументите на страната со која што преговараме. Јас повторно не можам да предвидам кои ќе бидат нивните аргументи, изјави Ахмети.
По се изгледа Заев пак е спремен да ги погази зборовите дадени во предизборната кампања, како што беа дека ДУИ ќе замине во опозиција, како и дека нема шанси да прифати Албанец премиер. Лидерот на СДСМ од Вила Водно порача дека се подготвува да биде премиер четири години, но сепак се ќе зависело од преговорите. Тој не сакаше да одговори на прашањето на Алфа, дали сепак би го прифатил Зибери за премиер.
-(Во јавноста има шпекулации дека ДУИ бараат премиер Албанец во првата година од Владата. Дали сте спремни да прифатите вакво барање?) Јас реков за деталите од преговорите не би коментирал, за да дадам шанса да успее преговарачкиот процес. Не би сакал да дадам денеска коментар директно за ваквото прашање. Сакам да дадам шанса да преговараме до крај за да го изнајдеме решението. Веднаш штом ќе изнајдеме решение за сите прашања кои не се затворени, а се обврска пред граѓаните, пред Уставот, пред Парламентот, но и се обврска на следна Влада, веднаш ќе бидат соопштени за вас медиумите и преку вас до граѓаните, изјави Заев.
На денот кога го доби мандатот, Заев најави дека ќе има нова средба со Ахмети, на која ќе се обиде да ги доближи ставовите околу составување на новата Влада.
Матеја Петровски