Заев не ја прифаќа оставката на Филипче: Одлуката ќе ја базирам исклучиво на фактите од истрагата

Премиерот Зоран Заев не се одважи да излезе пред јавоста и да го соопшти ставот на Владата дали ќе ја прифати оставката на првиот човек во здравството, Венко Филипче. Иако очите на јавноста цели три дена се свртени кон Илинденска бр 2, премиерот и покрај сите надежи на новинарите, не застана пред камерите. Но, неговата прес служба испрати соопштение за медиумите.
Во соопштението се вели дека одлуката дали ќе бидат прифатени оставките ќе се донесе по спроведената истрага за причините за пожарот.

„Истражните и правосудните органи спроведуваат исклучително темелна, професионална и брза истрага која мора да ги утврди до детаљ причините за избувнувањето на смртоносниот пожар. Кон стручноста и кредибилноста на истрагата ќе придонесат и форензичарите од Германската федерална криминалистика. Имајќи предвид дека истрагата се спроведува со висока динамика и дека истата е обезбедена со највисоко ниво на стручност и професионалност, мојата проценка и одлука по однос на поднесените оставките ќе ја базирам исклучиво на фактите кои ги добивам од истрагата односно исклучиво согласно утврдените причини за избувнувањето на пожарот“ се вели во дописот од Заев.

Оставките вели Заев, биле висок морален и етички чин и како демонстрација на интегритет и одговорност, но за нив ќе се произнесел следната недела. Дури тогаш, вели, ќе одговарал пред новинарите.

„Најавувам дека во текот на следната недела, во првиот момент откако експертската истрага ќе покаже нов посериозен напредок, ќе ги соопштам ставовите на Владата базирани на фактите од истрагата, на прес-конференција на која ќе одговарам на сите прашања од медиумите“, стои во соопштението.

Несреќата во која до темел изгоре монтажната болница во Тетово се случи во истовреме кога целиот државен врв уживаше во дефилето и прославата за 30 години независност на Македонија. Во ужасниот пожар, кој за неполни три минути го проголта монтажниот објект, животот го изгубија 12 пациенти кои се лекувале од Ковид 19 и двајца посетители, роднини на починатите, кои се обидувале да ги спасат своите блиски.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста