Заев: Не ја игнорираме руската вакцина, внимаваме да не набавиме повеќе отколку што ни се потребни

Не набавуваме руски вакцини за да не ни бидат вишок – ова може да се заклучи од изјавата на премиерот Заев на прашањето зошто Македонија ја игнорира руската вакцина „Спутник V“? И додека Македонија има само 4.000 вакцини, според Заев, земјава засега нема потреба од дополнителни дози бидејќи доволни ни биле оние кои сме ги нарачале од Ковакс – механизмот, оние на Синофарм и на Фајзер.

“Ако имате предвид дека сте ставиле потпис во „Ковакс“ системот па дури сте авансирале 20 проценти и платиле од парите за вакцината, сте потпишале директно договор со „Фајзер“ тогаш мора да ги имате предвид и да ги калкулирате овие количини.Тоа што е уплатено или договорено со Кина, тоа што го имаме од соседите, дел помогнаа  а дел се уште понудите се отворени, на крајот може да се доведете во состојба да имате три милиони вакцини за 1 милион граѓани, така да тука се прави одмерувањето“ – кажа премиерот Зоран Заев.

Заев уверува дека понудите од Русија за набавка на руските вакцини не биле игнорирани, иако вчера од Руската Амбасада во Македонија за Алфа открија дека на Владата и биле ставени на маса неколку понуди за набавка на „Спутник V“ уште од есента, но одговор или официјално барање од македонските власти не добиле.

Граѓаните разочарани и револтирани,  затоа што надлежните немаат набавено доволен број на вакцини, но уште повеќе, што немаат ниту избор за истите. Тие “молат Бога” што поскоро да стигнат поголем број на вакцини, но и ја бараат и и и веруваат на руската вакцина.

Во меѓувреме тече процесот на имунизација во земјава. Досега повеќе од четиристотини здравствени работници од Ковид-центрите ја завршија половина од работата – и за три недели ќе треба да ја примат и втората доза.

Инаку на официјалната страница vakcinacija.mk се пријавиле повеќе од 53 илјади граѓани за вакцинирање, а 32 илјади лица над 70 годишна возраст тоа го направиле преку матичните лекари. Но, дополнителни вакцини Македонија засега нема.

Во меѓувреме Владата на последната седница одлучи да даде дозвола за набавка на вакцините преку Ковакс. Очекувањата на властите се дека овие вакцини ќе пристигнат до март.Освен оние што пристигнаа од Србија, се друго е ставено на чекање.

Ања Василева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста