Заев најави итна поправка, Владата сега молчи: Кога Македонија ќе добие исправни канадери за гаснење пожар?

Не се знае кога Македонија ќе добие исправни канадери за гаснење пожари. Големите огнени јазици низ државата ја разбудија Владата, но по се изгледа не ја расонија. Премиерот уште на втори август вечерта, кога избувна пожарот во Кочани, кажа дека уште наредниот ден ќе била донесена одлука за нивно сервисирање. Но, дали оваа најава е исполнета не се знае, од Владата не одговорија на ова прашање на Алфа. Според официјално достапните информации од владините седници, за оваа тема не се ни разговарало.

-Канадерите се приземјени, Владата ќе се обиде да донесе одлука за брза набавка од Хрватска за сервисирање и тоа уште утре ќе го направи, за да се избегнат сите тие бавни постапки по јавните набавки. Затоа што сега го имаме основот согласно законот, кога навистина треба брзо да се делува и верувам дека Бирото за јавни набавки, со одлука на Влада доколку е потребно, ќе направиме брзо интервенција за сервисирање, односно одржување, изјави Заев на втори август.

Пет дена подоцна откако го прекина својот одмор, премиерот Заев сега се пожали дека проблем било да се најдат компании за сервисирање на канадерите.

-Има недостаток на компании за сервисирање, регистрирање, одржување и лиценцирање во регионот. И многу често жалбените постапки согласно законот за јавни набавки никако не завршуваат. Овие денови побаравме можност преку Бирото за јавни набавки по пат на преговарање, да се ангажираат најблиските фирми отворивме можност, амбасадите преговараат, Влада со Влада со Хрватска. Затоа што нивните воени служби ги имаат лиценците и можат да го направат сервисирањето на канадерите, изјави Заев.

Македонија сосем потфли на овој план, сепак за среќа помош во гаснењето пожари од воздух дојде од други земји. Неисправните канадери, со кои Македонија претходно помагаше во гаснење пожари кај соседите, беа причина за бурни реакции на социјалните мрежи.

-Добро е што барем за прослава на рамковен тргнавме пари на страна! За сервисирање на Канадери и не е толку итно!, се вели во еден твит.

-Три години несервисирани канадери, и никој да не е одговорен може само во мојата чудесна земја!, се вели во друг твит.

Прашање до каде е постапката за сервисирање на канадерите поставивме и до Центарот за управување со кризи, од таму велат дека е отворена дискусијата по ова прашање, но топката ја префрлаат кај Дирекцијата за заштита и спасување, за која велат дека е надлежна за леталата за гаснење пожар.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста