Заев на власт обезвластен: Ја задржа премиерската фотелја, клучните ресори ги даде на ДУИ

Заев повторно стана премиер, но остана без реалната моќ и власт која што ја имаше претходно. Ваков е ставот на познавачите откако во јавноста се објавија и се уште се објавуваат кадровските промени во Владата, во која најголемиот дел од клучните ресори ги доби коалициониот партнер на СДСМ.

За прв пат во историјата на Македонија кадри на првата партија во власта нема да раководат со Министерствата за финансии и надоврешни работи, и тоа во моменти на економска криза поради ковид пандемијата и кога Македонија очекува да ги отпочне преговорите со Европската унија. А и на функцијата прв вицепремиер исто е кадар на ДУИ.

Универзитетскиот професор Владимир Божиновски за Алфа вели дека Заев за да остане на власт даде се што Интегративците побарале, на тој начин партијата на Ахмети доби две од трите клучни министерства.

-Буквално ДУИ можеше да побарува се што сака и да добие тоа што го бара, со цел СДСМ да остане на власт. На тој начин се добија двете клучни министерства, заедно со Министерството за внатрешни работи, би рекол трите најважни министерства во секоја држава и ДУИ сега ги контролира финансии и надворешни работи. Практично сега целата финансиска контрола во државата е во рацете на ДУИ, затоа што го имаат и Министерството за финансии и Министерството за економија, изјави Божиновски за Алфа.

А токму економската преродба на државата и патот кон ЕУ беа клучните ветувања на Заев во владината програма, за на крај со ниту од министерствата задолжени во овој дел да не раководи кадар на СДСМ, туку таму седнаа министри од ДУИ, односно Бујар Османи во МНР, а Фатмир Бесими во финансии.

-Новата македонска економија и забрзаниот економски раст се на првите страници на Програма за работа на Владата за мандатот 2020-2024 година. ќе покажеме дека можеме и во ЕУ, тоа е национален, повеќедецениски стратешки интерес, изјави Заев.

Според Божиновски ваквите кадровски решенија Заев би можел да ги искористи како алиби за неисполнување на големите ветувања кои го даде пред изборите. Божиновски вели Заев ветувал многу и пред четири години, но ништо од тоа не исполнил. За разлика од неисполнетите ветувања, универзитетскиот професор вели Заев исполнил работи кои не ги ветил, како што е промената на името и воведувањето двојазичност.

-Имаше многу ветувања и пред изборите 2016 година, па видовме дека буквално ниту едно не се оствари, напротив се спроведоа голем број работи и одлуки кои што воопшто не беа ветени. Се направи токму спротивното од тоа што се ветуваше. Така што и сега не очекувам дека она што се говореше во предизборната кампања ќе биде остварено, изјави Божиновски за Алфа.

Во ресорот надворешни работи покрај министерот, и заменик министерот нема да биде од СДСМ, како што потврдија вчера за Алфа од ДПА, на таа позиција ќе биде Фатмире Исаку, кадар на партијата на Мендух Тачи.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста