Заев на одмор, Ахмети молчи за чистката, министрите подготвени за “метлата”

Метлата најавена, но се уште не заиграла никаде. И по една седмица од исходот на претседателските избори, чистката на функционерите од Илинденска, на стенд бај. Премиерот на одмор, а од лидерот на ДУИ, Али Ахмети за чистката нема ни трага ни глас.
Во јавноста се појавија скандали за работењето на речиси сите министерства и нивните раководни лица, па така е неизвесно кој се ќе биде опфатен со чистката. Првиот човек на полицијата, Оливер Спасовски смета дека треба да има и реконструкција, но и смена на одредени кадри, врз основа на критериуми кои ќе бидат утврдени.
На Спасовски му се забележуваат повеќе нерасчистени убиства како оние на младиот фудбалер Мартин Јанушев и двојното на улица Рузвелтова, зголемениот насилен криминал и инцидентот со Пајакот односно нападнатата полицајка.
Од министерството за образование пак, за чистката велат дека треба да се праша во Владата, а не кај нив. Министерот Адеми вели дека тие засега се фокусирани на работата во министерството:
Она што го одбележа работењето на овој министер се сомнежите дека склучил неколку тендери во четири очи за набавка на учебници.
За метлата, која се уште не се фатила со работа, изјава даде и министерот за финансии Драган Тевдовски кој вели дека е задоволен од целокупната работа на министерството, но конкретно не одговори дали ќе биде дел од чистката.
Тевдовски ги воведе непопуларниот прогресивен данок и дополнителната давачка од три и пол денари за дизелот. Јавниот долг продолжи да расте, а капиталните инвестиции две години се со катастрофално ниво на реализација.
Најголем дел од министрите без ресор, вкупно шест на број, речиси и не се појавуваат во јавноста, но се уште не се знае дали метлата ќе заигра кај нив.
На тапет на јавноста беа и голем дел од вториот и третиот ешалон од власта како директори во државни и јавни претпријатија, болници и клиники поради партиски и непотистички вработувања како и спорни јавни набавки.

Meри Ѓорѓиевска