Заев на фејсбук: Издадени лиценци на 15 компании кои одгледуваат канабис

Државата вложува во поддршка на домашното стопанство и во поттикнување на странските инвестиции. Тоа е моделот преку кој заедно со граѓаните и со бизнисите создаваме силна економија во која постои шанса за успех на секого. Ова го објави вечерва премиерот Зоран Заев на неговиот официјален фејсбук профил, пренесува МИА.

На прашањето кое започнува со „колку?“, Заев вели дека најпрезицно се одговара со факти и презентира преглед на клучните економски постигнувања во нашата земја на полето на инвестиции и отворање нови работни места.

Во 2018 година отворени се вкупно 26.600 нови работни места во нашата земја со кои невработеноста падна на рекордно ниски 19,4 отсто. Минатата година во земјава влезе рекордно ниво на странски директни инвестиции кое изнесува 624,5 милиони евра, што е за 2,6 пати повисок износ во споредба со просекот во изминатите осум години. Околу 1.000 нови работни места се отворени само во производствените погони на странските инвеститори. Според бизнис плановите на компаниите оваа бројка ќе расте во следните години до околу 5.000 нови работни места, пишува премиерот Заев.

На фејсбук сатусот на премиерот Заев се наведени странски инвестиции кои почнале со работа, се во градба, започнуваат со градба или се во втора фаза на инвестирање.

Околу 200 компании со доминантна домашна сопственост се поддржани во 2018 година преку Фондот за иновации и технолошки развој, со околу 20 милиони евра државна помош. Овие компании вработиле или се во процес на вработувања на 800 лица со просечен износ на плата над 40.000 денари, што е околу 60 отсто над просечната плата, пишува Заев.

Агенцијата за вработување, како што се наведува, со 16,4 милиони евра во 2018 година поддржала 1191 бизниси отворени од наши граѓани кои ја искористиле мерката за самовработување. Од овие лица 509 се млади до 29 години, а 450 се жени. Поддршката вклучува и обуки, преквалификации, вработувања ранливи категории граѓани, практикантства и слично.

Министерството за економија, пак, поддржало 160 компании преку Програмата за конкурентност, иновации претприемништво, при што исплатени се 760 илјади евра на овие правни субјекти.

Оваа Влада издаде лиценци и на 15 компании со домашен и странски капитал кои одгледуваат канабис за медицински цели, со вкупна инвестиција од над 40 милиони евра и околу 300 нови вработувања. Станува збор за следниве компании и производства: Каба Хербал во Кочани, Оаза алкалоиди во Карбинци, Медицал 420 во Битола, 5 летерс во Ресен, Мам во Свети Николе, АЦПВ во Гостивар, Фарма Медика Канабис во Валандово, Ф&M 2017 во Гостивар, Фармаролли во Скопје, Греен лифе во Валандово, Канабис про во Струмица, Т.Х.Ц. Куалити гроуп во Росоман, Хелтх медикал солутионс во Гевгелија, Бул-Билдинг во Струмица и РСБ солутионс во Карбинци, пишува премиерот Заев.

Тој наведува дека преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство завршени се 794 инвестиции на фирми, земјоделци, и инвестиции во капацитети и набавка на опрема со кои беа склучени договори од првиот повик од ИПАРД 2 програмата.

Доделени се 424 грантови за поддршка на млади земјоделци. Ова се резултатите од економските ангажмани на Владата во минатата година. Во 2019-та, година посветена на економијата, очекувам уште поголем раст и развој, пишува на фејсбук сатусот на премиерот Заев.

МИА