Заев му прости, Каракачанов со цигара во уста омекна- што е тоа што ги затопли односите?

Каракачанов омекна, Заев му прости. Што е тоа што ги затопли односите меѓу нив двајца? Само неколку дена откако бугарскиот вицепремиер, упати навреди кон македонскиот премиер, денеска сосем спротивна слика. Помалку и хармонично двајцата си разменија низа убави зборови. Во интервјуто на Заев за Канал 77, беше вклучен и Каракачанов, кој со цигара во уста ги слушаше убавите зборови од Заев, и потсетувањето на времиња кога пријателски знаеле да се напијат и по една ракија.

-Да гледаме да бидеме пријатели, заради тоа што наше е да им служиме на граѓаните, не да им правиме штета. Господинот Каракачанов имаше убав политички дипломатски однос во своето обраќање, моја должност е да возвратам на ваков дипломатски начин, знаеме и во Софија, и во Скопје, и во Струмица да пиеме по една ракија, по едно кафе, по еден чај, зависи кога се гледаме, изјави Заев.

Пофални зборови не штедеше ниту Каракачанов. Само една недела откако го нарече Заев Бугарин на кого покасно му доаѓа паметот, денеска бугарскиот министер за одбрана, кажа дека Заев е првиот политичар кој имал храброст на ваков начин да говори за спорот на Македонија со Бугарија.

-Го поздравувам премиерот Заев, тој е првиот македонски политичар кој има храброст да говори на овој слободен начин. Јас ќе ви кажам до вчера се уште имав некаква надеж дека историската комисија ќе даде посакуван сигнал, изјави Каракачанов.

И покрај ваквите зборови од Заев и Каракачанов, сепак е се поизвесно дека Македонија нема да ги почне преговорите за членство во Европската унија до крајот на оваа година. Заев вели да сме почекале да поминат изборите во Бугарија во март, за тие да размислувале трезвено.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста