Заев конечно се појави и порача: Не мислам дека цела Влада треба да поднесе оставка поради трагедијата

Премиерот Зоран Заев конечно се појави во јавноста, и потврди дека и покрај трагедијата во Тетово, фотелјата на Венко Филипче е сигурна, не планирал да ја прифати понудената оставка, барем не засега. Како што веќе најави во пишаното соопштение, ќе чекал да заврши истрагата. Сепак она што е контадикторно, е што оставката е од морални причини, а не поради некаква вина, така што е нејасно зошто мора да се чека истрагата. Запрашан околу оваа тема, Заев порача дека не требало целата Влада да поднесе оставка поради оваа трагедија, велејќи дека исти работи се случувале насекаде во светот.

-Трагедии се случуваат насекаде во светот и како што реков во соопштението до јавноста, го разбирам високиот морален чин од страна на министерот, на заменик министерот, на директорот, на економскиот директор, како чин кој е пред се од човечка причина, чин кој што е пред од етички, од морални аспекти и еве тие ја доставија оставката. Не мислам дека целата Влада треба да си поднесе оставка ради ова, изјави Заев.

Она што предизвика многу прашања во јавноста е каде беше премиерот минативе денови, кога еден од неговите најблиски соработници му ја понуди оставката. Заев го немаше никаде во јавноста, а конечно се појави сега. Вели причината за тоа било што во Македонија имало денови на жалост, па не сакал да говори на оваа тема.

-Трите дена беа денови на жалост и секако како денови на жалост, во моменти на чувствителност не би сакал на било каков можен начин, да влијаам врз севкупниот впечаток, истраги или било што што е поврзано со ова. Се со конечна цел да соодветните експерти, институции одговори на сите овие прашања за кои што се заинтересирани, пред се семејствата на починатите, но и сите наши граѓани, изјави Заев.

Инаку, откако Заев не ја прифати оставката на Филипче, од опозицијата најавија дека негова одговорност и заминување од министерското место ќе бараат преку Собранието. А тема во јавноста потоа стана не она што е суштината, односно оставката на министерот, туку дали преку Собранието можела да се бара истата. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски истакна дека оваа предлог одлука ја засноваат на членот 68 од Уставот, а сличен таков предлог веќе доставиле пратеничките групи на СДСМ и НСДП во 2013 година.

-После една ваква катастрофа кава што беше горењето на болницата во Тетово, сметаме дека Талат Џафери треба да се стави во улога на заштита на граѓаните и конечно да искаже политичка воља оставката на Венко Филипче да биде констатирана во Собранието бидејќи после една ваква катастрофа најмалку што може Собранието да направи за граѓаните е да ја констатира оставката на Филипче, изјави Милошоски.

Инаку, претходно Заев последен пат се појави пред модуларната болница во Тетово, вечерта кога се случи трагедијата, кога заедно со министерот Филипче беа исвиркани од граѓаните. Иако, првично правдајќи се дека болницата била изградена по сите стандарди, првиот човек на македонско здравство не поднесе оставка, велејќи дека ќе ја чекал истрагата да заврши, сепак подоцна под притисок од јавноста го стори тоа, но истата беше одбиена од Заев.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста