Заев конечно проговори за акцијата на Плетвар – неговото семејство не било вмешано во скандалот

И покрај  бројните  фотографии и информации кои ја преплавија јавноста по неодамнешната акција за заплена на марихуана и директната вмешаност на личниот возач на Трајче Заев, Александар Ушилковски, премиерот ја убедува јавноста дека немало никаква поврзаност на неговите блиски. Секој можело да се дружи со кого сака, но законот важел за сите.

Од опозицијата пак реагирааат дека за неверување е како секој озлогласен криминалец или фатен во некаков криминал, излегува дека е пријател, другар, партиски пријател, се сликаат заедно или е човек што работи за семејството Заеви или за некој висок функционер од СДСМ.

-Го слушам Зоран Заев со каква леснотија одговара за случајот со фатената дрога и просто не ми се верува. Без грам срам, без грам одговорност, без грам чесност. Вели, Александар колку сакал може да се дружи со Трајче Заев, но ќе одговара. Па да, ќе одговара, затоа што не зависи од тебе, затоа што е фатен во акција на ДЕА и не можеш да му помогнеш, инаку да зависеше од тебе најверојатно Александар другар му на Трајче Заев сега ќе превезуваше нова пратка. И доста ги лажете луѓето, Александар Ушилковски настрана од тоа дали му бил другар или не на братучед ти, притворениот за дрога му бил личен возач. Тоа го виде цела држава како го вози во Мајбахот, пишува портпаролот Димче Арсовски.

Братучедот на премиерот Заев се самоамнестира од скандалот со запленетата дрога на Плетвар вредна 800.000 евра, па преку демант од Обединетите Арапски Емирати тврди дека никој од вработените во компаниите на Заеви не бил уапсен во оваа акција. Освен иницијалите, МВР засега не открива детали за идентитетот на уапсените. Но јасно е дека меѓу нив се двајца блиски на власта. Едниот, началник на полицијата во Прилеп, а вториот, кој директно ги компромитира Заеви, е возачот на Трајче Заев. Братучедот на премиерот демантира дека вработен во нивните фирми е меѓу уапсените, но дали станува збор за лицето кој го вози и кој не мора да биде вбработен во некоја од нивните фирми, засега е нејасно.

Од она што го откри МВР при претрес во станови на лицето А.У. за кого се тврди дека е Александар Ушилковски, возач на Трајче Заев, во Скопје и Битола била пронајдена поголема количина на пари и оружје. На шестмина во овој случај им е определена мерка притвор. Марихуаната била спакувана во 40 картонски кутии во кои имало 400 полиетиленски пакувања со дрога.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста