Заев ќе ги амнестира бугарските фашисти: Од учебниците ќе исчезне зборот бугарски пред „фашистички окупатор“

Бугарскиот фашистички окупатор исчезнува од македонските учебници. Премиерот Зоран Заев кажа дека не сме можеле на Бугарите да им ставаме етикета дека биле фашисти, иако тоа е историски факт, а сега и причина за менување на учебниците по историја во Македонија. Запрашан дали ќе се менуваат, премиерот помалку чудно, прво отсечно кажа не, за потоа да објасни како впрочем ќе се менувале.

-Не. Се зборува за термини каде што стои називот на пријателската нација тоа е Бугарија поврзана со фашистички окупатор. Никаде во Европа не се споменува името на нацијата, се споменува фашистичкиот окупатор и во тој дух, во духот на пријателство, соработка и добрососедство, очекуваме тоа да се направи. Имаме препознаено и одредени слабости во бугарските учебници, спремни се исто така и од таа страна тоа да го направат. (ЗНАЧИ СЕПАК ЌЕ СЕ МЕНУВААТ УЧЕБНИЦИТЕ ПО ИСТОРИЈА?) Ви дадов одговор, изјави Заев.

Додека Македонија секојдневно се подготвува за нови отстапки, од Бугарија стигнуваат нови не така убави пораки. За претеседателот на источниот сосед, Румен Радев веќе не е доволен договорот за добрососедство, сега се бара спорот меѓу двете земји да се решава со правно обврзувачки документи.

-Бугарија е најзаинтересирана да ги види своите соседи во Европската унија, но за тоа е потребно целосно почитување на копенхашките критериуми за членство на Република Северна Македонија, особено почитување на човековите права и принципите на добрососедство, кои се во срцето на европска соработка, порача Радев.

Менувањето на македонските учебници, беше и една од точките во неодамна објавениот нон пејпер. Таму пишува да македонската историја ќе се учи со објаснување на историските настани и по бугарски контекст. Во истиот, пишува и дека Бугарите како националност ќе влезат во Уставот, што неколку пати го спомена и самиот Заев. Тој дури и се пофали дека направил многу повеќе за Бугарите во Македонија, отколку Радев за Македонците во Бугарија.

-Зоран Заев се појавил на манифестации од бугарските здруженија многу повеќе во последните години, отколку македонски здруженија или албански или турски во државата, затоа што сум бил поканет сум бил. Подигнавме споменик од полковник Гарванлиев, со сите бугарски знамиња напред, да и македонското тука. Сме покажале респект насекаде зошто се работи за нашиот сосед, но и се работи за граѓани, со определба Бугари во нашата земја и ние немаме проблем со тоа, велеше Заев.

Македонија веќе ги менуваше своите историски учебници, откако беше потпишан договорот од Преспа, со кој државата го промени своето име, и тоа по спроведување на неуспешен референдум.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста