Заев кажува едно, прави друго: Контра ветувањата, Македонија преговара со Бугарија за јазикот

Дали Македонија ги прегази своите црвени линии? Го прекрши ли власта ветувањето дека јазикот нема да се чепка, дека нема да биде тема на преговори со Бугарија? Но, токму македонскиот јазик е главна точка во нон пејперот од берлинската средба меѓу Османи, Димитров и Захариева. И покрај ветувањата, сепак од Илинденска се согласиле македонскиот јазик да биде запишан како кодифициран во 1945 година, обратно од она што во повеќе наврати го тврдеше и ветуваше Зоран Заев, и тоа не така одамна, во месец октомври.

-Преговори по нашиот идентитет, нашиот македонски јазик, нема и не треба да има, ниту па бара. Бугарија е пријателска земја, Бугарија и јавно истакнува за признавањето на македонскиот јазик, со македонскиот народ, таа ја признава реалноста и слично, изјави Заев на 20-ти октомври.

-Гаранцијата на идентитетските прашања се потврдени со Договорот за добрососедство со Бугарија, а тоа е македонскиот јазик и македонскиот народ, изјави Заев на втори октомври годинава.

Сепак очигледно, како во спорот со Грција, така и во овој со Бугарија, Владата во Македонија ги премина своите црвени линии. Според поранешниот амбасадор во Велика Британија, Јован Донев, македонската дипломатија не правела ништо како да ја подобри позицијата, туку само гледале што нудат другите страни.

-Македонската страна ќе прифати се што може, се што и се чини дека ќе може да го продаде на македонската јавност како успех на македонската дипломатија. Немој да мислите дека македонската дипломатија ќе заземе своја позиција, таква позиција не видовме ние, не видовме четири години позиција по ни едно прашање од оваа Влада. Не очекувам дека Македонија излегла со некој предлог, тоа би било многу наивно од наша страна, изјави Донев.

Според Донев дополнителен проблем за Македонија, која веќе многу попушти е и заедничкиот став на сите бугарски партии, па вели Заев покрај со власта, ќе мора да преговара и со сите други политички субјекти во Бугарија.

-Тој не преговара со Бојко Борисов веќе, тој треба да преговара со сите пратеници во бугарскиот Парламент. Борисов нема простор да се повлече. Немате простор вие да преговарате, вие може само да преговарате како да ги прифатите бугарските барања, изјави Донев.

Инаку, покрај Заев дека нема да се чепка македонскиот јазик тврдеше и ветуваше и претседателот на Македонија, Стево Пендаровски. Сепак според објавениот нон пејпер, овие ветување испаднаа лажни.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста