Заев капитулираше пред бугарските барања: Гоце Делчев бил и на Бугарите, сме имале заедничка историја

Новите генерации не ја знаат целата оваа реалност која што треба да не сплотува, вели Заев во интервју за Бгнес.

Гоце Делчев е револуционер и на Бугарите и на Македонците, порача премиерот Зоран Заев. Додека Бугарија не уценува да ги прифатиме нивните условувања, премиерот во интервју за Бгнес, вели дека македонскиот национален херој Делчев, кој се борел за слободна и независна македонска држава, бил и Македонец, но и Бугарин.

-На територија на регионална Македонија навистина живееле Македонци, кои зборувале македонски јазик, но живееле Бугари кои збореле бугарски јазик. Живееле луѓе кои што се чувствувале во исто време и Бугари и Македонци. Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, кој што се борел и за слободата на Македонија и за Одринско и за се и тоа е апсолутна реалност, изјави Заев.

Според Заев бугарскиот фашистички окупатор, против кој се бореле борците од НОВ, не бил фашист туку администратор во Македонија.

-Ние веќе во државата имаме преку 20 табли во државата сменето, каде што стои бугарски фашистички окупатор. Тоа не е така, Бугарија не е фашизам, Бугарија е нашиот пријател. Имало некој пат некоја администрација во тој момент на почетокот, после тоа Бугарија се крева заедно со антифашизмот, се бори за слободата, за демократијата, изјави Заев.  

Македонската историја според Заев е заедничка со Бугарија. Потенцирајќи дека она што најмногу не спојува со Бугарите е токму јазикот на кој говориме.

-Ние немаме споделена историја, немаме ни вкрстена историја, ние имаме заедничка историја. И тоа е заедничка, и таа историја, од неа се создале и македонскиот и бугарскиот народ, и македонскиот јазик и бугарскиот народ. Можеби нешто превагнува да биде повеќе македонско, некаде превагнува да биде повеќе бугарско, ама ако бидеме паметни ќе го ставиме да заедничко, изјави Заев.

Заев во интервјуто за Бгнес, го правдаше и претседателот на Македонија Стево Пендаровски за изјавата дека Бугарија нема излезено од политиките на Тодор Живков. Вели шефот на државата не бил доволно искусен политичар, како што е тој, и не го мислел тоа што го кажал.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста