Заев ја заврши својата ера- помалите коалициони партнери барем засега не го даваат СДСМ

Зоран Заев заминува, малите коалициони партнери барем засега не го оставаат СДСМ. Додека се чека клучниот одговор, односно како ќе реагираат ДУИ и БЕСА, Заев ја доби поддршката од ДОМ, ЛДП, ДПА и НСДП. Ова доаѓа откако премиерот поднесе оставка по големиот пораз на локалните избори, па реши да ги повика коалиционите партнери на средба во Владата.

Тема на разговор ќе биде идниот премиер. Име кое најмногу се споменува низ медиумите е партиската заменичка на Заев, Сања Лукаревска, но и генералниот секретар Љупчо Николовски. Се шпекулира дека е можно еден да седне на Илинденска, а другиот на шефовското столче на Бихачка. Сепак, внатрепартиски извори од СДСМ, за Алфа брифираат дека изборот нема да падне на директорката на УЈП.

Има шпекулации дека можно е нов премиер да биде и натпартиско лице. Најавувајќи ја својата оставка, Заев порача дека бил разочаран од одлуката на граѓаните, велејќи дека немало потреба од нови парламентарни избори.

-Сакам да споделам разочараност кај мене, а верувам и кај огромен број граѓани, затоа што мнозинството од народот кој гласеше заедно со сите тие што останаа дома, ги избраа истите луѓе и политичари кои пред 4 години само во парламентот пред очите на целата јавност сакаа и тргнаа да убиваат. Не е воопшто тешко заминувањето од политиката, тешка е помислата од одлуката на нашиот народ, изјави Заев.

И покрај тврдењето на Заев дека нема потреба од парламентарни избори, јасно е во овој момент дека тие се и повеќе од реална опција. Тоа е и барање на опозицијата.

-Ние имаме мнозинство гласови на народот, тоа е важно за нас, дека го имаме мнозинство гласови на народот, а за да има предвремени парламентарни избори, треба да има и мнозинство во Парламентот. Затоа реков трпение, не треба да го разочаруваме народот, бидејќи народот е изморен. Дозволете времето да одговори на многу дилеми, една од тие дилеми е кога се случат предвремените парламентарни избори, изјави Мицкоски.

Ставот дека нема потреба од предвремени избори го делат и коалиционите помалите коалициони партнери на Заев. Мендух Тачи дури и даде некои свои математики, според кои партиите кои се дел од Владата ја победиле опозицијата.

-Дали ќе се делиме на албанска и македонска опозиција, или ќе останеме Влада и опозиција. Влада и опозиција на овие избори разликата е преку 100.000 гласа има Владата. Ако сакаат да се делиме на такви начини, тогаш и гласовите ќе се делат на локални избори. Не очекувам ништо, изјави Мендух Тачи.

И повеќе од јасно е дека победата на опозицијата го покажува гласот на граѓаните и ја доведува Македонија во нова жешка политичка состојба. И да остане СДСМ на власт со нов премиер, прашање е колку таа Влада ќе има легитимитет да ја води државата. Покрај од премиерската позиција, Заев по поразот на локалните избори најави повлекување и од лидерската позиција во СДСМ.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста