Заев ја промени плочата, сега стана патриот: Изборите го разбудија патриотизмот кај премиерот?!

На само неколку дена пред изборите се разбуди патриотизмот кај премиерот Зоран Заев.

-Мајко Македонија, порачува сега Заев.

Патриотизам кој беше заспан минативе години.

-Да живее Република Македонија, да живее Република Северна Македонија, велеше Заев.

А беше толку заспан што и најблиските колеги мораше да ги буди, кога ќе ја споменат Македонија, без кованицата Северна.

Но, дојдоа изборите, па се променија и пишаните говори кај Заев, порасна патриотизмот, а се разбуди и во предизборните спотови.

Искористена беше една од најубавите македонски патриотски песни „За многу години Македонци“ дело на Наум Петрески и Виолета Томовска. А додека се пееја зборовите Македонија и Македонци главен во кадарот беше Заев, заедно со еден своите најблиски соработници Фатмир Битиќи до него.

За Заев претходно прекршување на Уставот беше некористењето на Северна во името на државата.

-Во нашиот Устав не пишува дека ние сме Република С. Македонија, ние сме Република Северна Македонија. Граѓаните за тоа се изјаснија на референдум и согласно уставот две третини. Парламентот во една дискусија од 130 дена, три пати гласајќи ја донесе одлуката за нашето ново уставно име, изјавуваше Заев.

Ваквата промена на реториката кај премиерот доаѓа во предизборието, каде според анкетите поддршката кај македонското гласачко тело му е опадната, поради погрешните политики кога се во прашање соседите. Поради Грција го променивме името, а со Бугарија на маса ги ставаме националните интереси. И покрај се досега направено, Македонија се уште го нема датумот за старт на преговори со Европската унија, кој многу пати беше најавен како добиен од премиерот.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста