Заев ја поднесе оставката од премиерската функција до Собранието

Зоран Заев си поднесе оставка од функцијата премиер. Срочена на три страни депонираната оставка наместо лично до Собрание ја донел владиниот курир. Без да ја образложи усно Заев утре нема ниту да се обрати пред пратениците, па според најавите без никакво образложение неговото повлекување само ќе биде констатирано.

„Со мојата оставка со која ја превземам одговорноста сакам да оставам пример за да се препознаат доблесните одлуки кога тоа е неопходно и со тоа да дадам уште еден придонес во јакнење на демократскиот капацитет на народот но исто така на идните лидери за да бидат свесни за својата граѓанска должност кога ја превземаат грижата за својата земја“, пишува Заев во писмото испратено до собранискиот спикер Талат Џафери.

Повлекувањето на Заев ќе биде прва точка на седницата на која треба да бидат поставувани и пратенички прашања, но тоа нема да се случи бидејќи откако ќе биде констатирана оставката, заминува  и целата влада. 

Заев кој веќе пет години беше на функцијата премиер, ќе замине од позицијата без ниту еден одговор за клучните проблеми државата. Од албанските партии му забележуваат дека оставката која толку долго беше одложувана треба да се случи откако премиерот во заминување ќе соочеше со пратениците по речиси шестмесечно бегање од пратеничките прашања.

И додека течат роковите од еден месец за доделување на мандатот и формирање на идниот владин состав кој треба да се случи кон крајот на Јануари, наголемо траат пазарењата за новите министерски позиции. Јасно е дека Филипче, Царовска, Шеќеринска нема да бидат министри и во во владата на Ковачевски, но виси и позицијата на Благој Бочварски од транспорт и врски. Тој сепак ниту потврдува ниту негира дека ќе замине од функцијата, топката ја префрли кај Ковачевски кој требало да ја донесе одлуката.

А со заминувањето на Заев на негово место најверојатно ќе седне наследникот Димитар Ковачевски, кој треба да го добие и мандатот за формирање нова влада.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста