Заев ја напушти премиерската функција со аплаузи од ВМРО-ДПМНЕ

Зоран Заев веќе не е премиер. Собранието ја констатираше депонираната оставка со што заврши и неговиот мандат но и мандатот на целата влада.

Иако не постои деловничка одредба за да се избегне соочувањето со пратениците, собранискиот спикер Талат Џафери одлучи веднаш по констатирањето на оставката да ја затвори седницата за Заев да не се обрати со образложение дека тоа било воспоставена пракса.

Од ВМРО ДПМНЕ пак со аплауз ја поздравија оставката на Заев. Реагираат дека без образложение и без јавно обраќање пред народот Заев одлучи да замине без да одговори на пратеничките прашања за низата скандали кои ја тресат неговата влада, бројните несреќи за кои нема одговорност, но и контроверзните преговори со Бугарија и пазарењето со националните интереси.

-Од 17 месеци Влада, 8 пати имало поставување на пратенички прашања. Денес, Владата повторно сака да избега од одговорност, сака да избега од соочување со проблемите кои ги мачат граѓаните, сакаат да избегаат од скандалите и аферите за кои станаа рекордери. Иако Владата е во оставка, според Уставот нема никаква пречка да се одржи седницата за пратенички прашања и владините функционери да дадат одговори на прашањата од пратениците. Денес, Зоран Заев и неговите министри избегаа од одговори кои треба да ги дадат на јавноста, а се однесуваа за криминал, корупција, надворешна политика, енергетска криза, како и локални проблеми кои ги мачат граѓаните“, истакна Мицевски.

За Алијанса на Албанците оставката на Заев е задоцнета работа. Одлуката за  оставката да ја констатираат на седницата за пратенички прашања е доказ дека власта повторно направи бариера и избега од народот.

Од денеска почнуваат да течат и законските рокови за избор на новата влада. По констатираната оставка во Собранието , шефот на државата Стево Пендаровски треба да добие известување од Собрание дека владата е во оставка, но известувањето од Џафери се уште не е стигнато до неговиот кабинет, потврдуваат за Алфа од Вила Водно.

Во рок од десет дена претседателот треба да го додели мандатот на партиите кои го имаат мнозинството во Парламентот, а потоа во следните дваесет дена новиот мандатар има рок да го состави и новиот владин состав.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста