Заев истерал половина кампања со донации од 1500, а Ахмети со 500 евра

Суми од 100 до неколку десетици илјади евра пријавиле партиите до антикорупциската комисија како донации добиени во првите десет дена од кампањата за парламентарните избори.Партиите од владеачката коалиција ДУИ и СДСМ до антикорупционерите доставиле извештаи во кои како донации од физички и правни лица се наведени само 33 100 денари кај интегративците односно 96 000 кај социјалдемократите.

Во извештајот на партијата на Ахмети се наведени како донации износите од закупнината за три објекти во сопственост на партијата. СДСМ пак судејќи според извештајот добиле донација од директорот на ЈСП Кристијан Чушков од околу 600 евра и уште една донација во ствари и услуги од извесен Стојча Стефановски во износ од 1000 евра. Имајќи ги предвид пазарните вредности за билборди и друг рекламен материјал и организирање партиски собири, според извештаите не може да се заклучи од кои средства СДСМ и ДУИ ги финансирале овие активности.

ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери се потранспарентни. Имаат пријавено донации од над 1 и пол милиони денари односно околу 25 000 евра во првата половина од кампањата од кои најголем дел, 20 000 се донирани од физички лица и 5000 евра од една компанија. Освен тоа коалицијата Обнова парите донирани од членови и симпатизери од трансакциската сметка на ВМРО-ДПМНЕ ги има пренаменето за изборни цели. Меѓу оние чии пари ќе се користат за изборите можат да се сретнат имиња на пратеници од последниот парламентарен состав и кандидати за идни народни избраници. Како Дафина Стојановска, Горан Манојлоски, Ане Лашкоска, Иванка Василевска, Никола Мицевски, Драган Ковачки во неколку наврти од 30 000 па до 250 000 денари. ВМРО-ДПМНЕ пренаменила и над 1 500 000 денари претходни донации од правни лица.

Алијанса на Села пријавила две симболични донации од 1000 денари и 6000 денари пренесени од партиската сметка.

Солза Грчева и професорката Наташа Котлар ја финансирале кампањата на Глас за Македонија со 4 000 евра, вкупно 242 000 денари.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста