Заев им порача на фирмите да се снаоѓаат за исплата на мартовските плати

Компаниите нема да добијат помош за март, бидејќи проблемите не им почнале од почетокот на месецот, туку од средината. Вака Зоран Заев од позиција претседател на СДСМ ја одбрани Владата и им објасни на бизнисмените зошто ќе биде одобрена помош во висина на минимална плата за секој вработен за април и мај, но не и за месец март. Минатиот месец бил само репер според кој надлежните ги скроиле мерките. Компаниите можат да почнат да аплицираат од денеска. Заев смета дека сепак 35 илјади фирми ќе добијат помош за 250 илјади вработени и покрај тоа што дел од работниците веќе добија откази, а на многумина газдите им најавиле дека ќе примат пониски плати поради тоа што многу денови поминале дома, наместо на работа.

65% од компаниите се под сериозен финансиски удар. Пријавиле дека работат со намален капацитет и со помал број работници. Ова го покажала најновата анкета меѓу членките на Стопанската комора на северозападна Македонија. Компаниите од сите сектори продолжуваат да алармираат дека нема како да исплатат мартовски плати. Во овој момент, велат најважно е државата да се раздолжи кон нив и тоа не само брзо да врши поврат на ДДВ. Државните и локалните институции им должат на голем број компании. Не им платиле за доставени стоки и извршени услуги.

За дополнителната заменик министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска Владата ги донела мерките со задоцнување. Смета дека Владата калкулира со мерките, бидејќи ги чека парите од надвор. Таа смета дека кризата не може да се надмине без банките кои треба да ја финансираат државата и стопанството, а Владата треба да ги скрати сите непродуктивни трошоци, но не и капиталните инвестиции. Вели има многу пари од странски банки за инфраструктура кои стојат неискористени.

За разлика од министерството за финансии кое форсира задолжување од надвор, ВМРО-ДПМНЕ предлага Владата да проба повеќе да се задолжи на домашниот пазар. Дел од нивните предлози се парите од приватните пензиски друштва времено да се пренасочат во државниот пензиски фонд. Исто така, Народната банка да ја намали атрактивноста на благајничките записи, па деловните банки да можат повеќе пари да инвестираат во државни хартии од вредност. Министерката Ангеловска посочи дека ќе требаат најмалку 700 милиони, а најмногу 1,3 милијарди евра за покривање на буџетскиот дефицит.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста