Заев и Царовска глуви на критиките- проектот за бришењето на предметот историја продолжува

Острите реакции од јавноста и експертите не го премислуваат Заев. Премиерот  не се откажува од укинувањето на историјата како предмет во основното образование, и тоа во моменти кога Бугарија бара да се откажеме од нашата македонска историја. И покрај жестоките реакции од голем број експерти и историчари, Заев останува на своето, дава поддршка за проектот на својата Влада и министерката за образование Мила Царовска.

-Делот на фузирањето кој што е замислен во делот на самите предмети е да се даде можност преку помал број на часови, децата да имаат повеќе време за својот детски живот, но и за општествени и хуманистички и социјални содржини во својот детски живот. Верувам дека ќе изнедреме убава дебата, ќе кажат сите експерти ќе кажат учителите, наставниците, ќе кажат универзитетските професори, ќе кажат сите што е најдобро и тој концепт после тоа заедно да го тераме, изјави Заев.

Од својот проект не отстапува ниту Царовска. Вели дека спојувањето на историја, географија и граѓанско општество во еден предмет, не било поради спорот меѓу Македонија и Бугарија. И покрај тоа што од просветниот синдикат и голем број историчари се пожалија, дека не биле ниту консултирани за ваквата промена, министерката вели друго.

-Морам да истакнам дека прв беше консултиран синдикатот, се усогласи работната група, имаше презентација пред родители и ученици во образованието, имаше презентации пред наставници, следуваат други целни групи коишто се од понеделник на дневен ред, а исто така имавме и дискусија на владина седница. Сметам дека целиот процес е транспарентен, вели Царовска.

Наспроти Царовска, Институтот за историја реагира дека процесот е скандалозен и се води без каква било консултација во период кога се негира македонскиот идентите и јазик. Процесот го нарекоа дилетантски и побараа веднаш да прекине. 

Поддршка за најавените промени со кои се укинува историјата како предмет, дава и претседателот Стево Пендаровски, но вели морало прво да има дискусија на оваа тема.

-Треба многу дебати меѓу стручни лица, многу филтрирања за да дојдеме до најдоброто решение. Само голото копирање на нечие, нека е фински или американски модел, овде тоа ќе биде криво насадено, зошто ние имаме и локални специфики. Слично направивме и со болоњскиот систем, кој го препишавме и овде не функционира, ниту налик на тоа што е во Италија и Германија, вели Пендаровски.

Дел од историчарите реагираат на тоа што најмладите нема да ја изучуваат историјата, велат се е дел од планот на власта да си ги покрие неуспесите.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста