Заев го претстави владиниот план: Веќе не се ветува датум за преговори, марихуаната еден од главните приоритети

Десетина пати за власта добиениот датум, кој сепак Македонија не го доби, повторно дел од владините приоритети, но сега веќе не се ветува старт на преговорите со Европската унија. Премиерот Зоран Заев презентирајќи ја владината програма за 2021 година, насловена „Акција 21- за европски стандарди дома“, ја промени и реториката. Сега веќе не се најавува одржување прва меѓувладина конференција со ЕУ, туку приоритет ќе биле реформите дома. 

-Дома, нема да дозволиме неуспехот на ЕУ со неодобрувањето на преговарачката рамка, да предизвика застој во внатрешните реформи. Напротив, со уште повеќе верба, посветеност и единство, ќе се посветиме на градењето европски стандарди дома. Испорачавме полноправно членство во НАТО, ќе ја придвижиме земјата и кон ЕУ, со заштитен македонски идентитет и македонски јазик!, изјави Заев.

Во владиниот проект голем број од целите се исти како и претходните години, кои сепак не беа исполнети. Повторно главно ветување е реформа во правосудството, но и во енергетиката, борба против аерозагадувањето. Ново е дека еден од главните приоритети станува легализацијата на марихуаната за секаква употреба. Според Заев законските измени за таа цел би требало да поминат во Собранието во јуни 2021 година.  

-Да обезбедиме декриминализација и депенализација на канабисот за мали количини за лична употреба. Бидејќи, точно е тоа што го зборуваат активистите од граѓанскиот сектор – не е во ред некој да оди во затвор затоа што користел половина грам природен канабис за лична употреба, во време кога веќе насекаде низ светот оваа билка станува легална и за медицинска и за економска дејност, изјави Заев.

Една од главните цели е и одржувањето на пописот, за кој се уште нема договор меѓу политичките субјекти во држава. Како и секоја година кога се во прашање капиталните инвестиции и оваа, еден од главните приоритети е Коридорот 8, односно изградбата на пругата кон Бугарија. Заев вели тоа е главната артерија која инфраструктурно ја поставува Македонија како крстопат меѓу соседите, а ги поврзува Црното со Јадранското море.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста