Заев го достави предлогот за состав на нова Влада

Предлогот за новата Влада влезе во Парламентот. Ќе има 19 министри и вицепремиери или за 7 помалку од претходната. За мандатарот Заев, станувало збор за цврста владина коалиција која ќе работи во полн четиригодишен мандат и ќе се стреми кон стратешките приоритети – НАТО и ЕУ, модерно образование, силни институции и борба со корона вирусот. За тенкото мнозинство во Парламентот, кое дојде до израз уште на првата собраниска седница, Заев вели не бил загрижен.

„Со 62 пратеници се формира стабилна Влада и не само стабилна, подготвена за многу сериозни и храбри одлуки во интерес на граѓаните и на иднината. Јас верувам дека стабилноста на Владата зависи од успешноста на своите политики, од кохабитацијата и соработката со опозицијата и на крајот на денот служењето и одговорноста пред граѓаните“, рече Заев.

Бројот на потпретседатели во Собранието – петмина, вчера ги скара пратениците. Од ВМРО ДПМНЕ обвинија оти тоа ќе биде непотребен трошок врз грбот на граѓаните. Заев пак денес се правдаше, ваквата пракса била востановена во 2017 година. Ги повика опозиционерите да се откажат од своето потпретседателско место, па вели примерот ќе го следеле и од неговата партија.

„Нека се откаже ВМРО ДПМНЕ од свој претставник за потпретседател на Собранието ќе се откаже и СДСМ и еве ќе имаме три. Но, во деловникот вели дека најголемата опозициона партија има еден потпретседател“, вели Заев.

Пратениците сега ќе треба да ја разгледаат владината програма и биографиите на предложените министри и вицепремиери. Потоа се очекува собранискиот спикер Талат Џафери да свика пленарна седница на која ќе се гласа идниот владин состав.

Од СДСМ се надеваат дека овие процедури во Законодавниот дом ќе се компетираат до крајот на неделава, а новиот владин кабинет со работа да почнел на стартот од следната седмица.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста