Заев ги притисна сите институции да бидат “северни” aма не кажува кога СДСМ ќе стане

Заев и натаму врши притисок и оние неколку институции кои се бројат на прсти, кои ја немаат претставката на името на државата- да го додадат оти морало да се задоволат Грците – но тој се уште не го смени името на партијата. На Заев му текна дека и тие ќе го менуваат името, но откако Алфа го праша. Вели кратенката ќе ја задржат, ќе ја променат содржината на името, aма не кажа точно кога.

На следните конгреси, тоа не можеме да го направиме на Извршен одбор или на Централен одбор, тоа е Конгресот на партијата, кој што ретко се свикува. Во периодот од кога се донесени уставните измени сме одржале само еден конгрес, кој беше онлајн. Верувам дека во периодот пред нас ќе постапиме согласно Преспанскиот договор и во Социјадемократскиот сојуз на Македонија. Дури дадовме и информација во делот на новото име СДСМ – Социјалдемократи од Северна Македонија. Има и други идеи, рече Заев во одговор на новинарско прашање околу тоа дали ќе го сменат името на партијата.

Владејачката СДСМ притиска за имплементирање на Преспанскиот договор, дури и предвреме, оти одредени точки од договорот имаат временска рамка во согласност почнувањето на преговорите со ЕУ, односно отворање на поглавја. Сепак тоа не ги спречи властите да брзаат за да испораачаат се.

Една од институциите кои беа најгласни за промена на името на установата е МАНУ. Академијата го одби предлогот.

Ние пративме официјално барање до Владата со кое посочивме дека сакаме да се повлече законот за промена на името на МАНУ, рече Љупчо Коцарев – претседател на МАНУ

Но Заев не отстапува – МАНУ ќе добие Северна во своето име.  Според премиерот Македонија имала обврски да ги промени имињата на сите институции кои се финансираат со државни пари, а тоа е случајот и со МАНУ.

Последен пат шпекулации дека МАНУ ќе го промени името имаше во 2019 година, согласно договорот од Нивици. Но, се чини академијата тогаш успеа да ги издржи притисоците, па и две години подоцна името се уште не е променето.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста