Заев ги праша албанските партии што им пречи во „Мини Шенген“

Немам обврска за потезите кои ги преземам да ги консултирам  партиите и коалициските партнери. Ова е одговорот на премиерот Зоран Заев откако албанските партии во државава едногласно кажаа дека се против Мини-Шенген без Косово. Премиерот Зоран Заев ги повика ДУИ , Беса , Алијанса , Алтернатива  да му кажат  какви забелешки имаат во врска со иницијативата „Мал Шенген“ во која се вклучени Србија, Албанија и Македонија .

– Она што го работиме не е ниту мал шенген, ниту мала Југославија, туку значи зголемување на регионалната соработка – процес кој ЕУ го препозна и сака да го поддржи со 1,2 милијарди евра. Должност ми е како премиер да го олеснам животот на нашите граѓани и за таа моја обврска не гледам причина да се консултирам. За вакви прашања треба да дејствувам, да делувам кога можам повеќе, рече Заев.

Заев бара одговори од албанските партии иако тие вчера речиси усогласено му порачаа, не’ за „Мал Шенген“ без Косово. ДУИ условува со четири барања .

– „Да бидат опфатени сите 6 земји од Западен Балкан; да биде дел од европските регионални иницијативи; поддршка и присуство на ЕУ на овие форуми; поддршка и присуство на САД на овие средби“, вели Бујар Османи од ДУИ.

Во мини-шенгенот од партијата Алијанса за Албанците препознаа руско вијание.  Алтернатива пак смета дека државниот врв во Косово и Албанија треба да се координира  и да размислат за национална соработка, од движењето Беса пак децидни, не може да има Мини-Шенген без Косово .

Чекањето за ЕУ не уби сите, додека станеме Европејци да сработиме и нешто сами, рече Заев , па го повика Косово да седне на маса, да биде дел од разговорите, па така ќе се решеле многу прашања.

Мини-Шенгенот е идеја на српскиот претседател Александар Вучиќ. Поддршка доби од премиерот Заев и премиерот на Албанија, Еди Рама. Целата е зајакнување на економската соработка и слободно движење на стока и луѓе низ Балканот. Првиот човек на Косово, Хашим Тачи, изјави дека неговата земја не може да биде дел од Самит на кој учествуваат земји кои сѐ уште не ја признаваат реалноста на независно Косово.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста