Заев: Блиску сме до договор со Бугарија – историчарите не се оптимисти

По бугарското вето историчарите не се оптимисти дека Македонија ќе постигне договор со источниот сосед да почнат преговорите за евроинтеграција. „Бугарските барања се апсолутно неприфатливи“ – дециден е историчарот Драги Ѓоргиев од македонскиот тим на мешовитата комисија за историски прашања. Во интервју за бугарска телевизија признава дека блокадата предизвикала негативни реакции во македонското општество, па дури и притисок македонската страна да ја прекине работата во заедничката комисија.

Терминот „заедничка историја“ е нешто со што ние и бугарските колеги не се согласуваме во толкувањето. Според нив, историјата до 1944 година се однесува само на една нација – Бугарите. Ова е за нас целосно неприфатливо. Формирањето на македонската нација започна и пред тој датум. Не можеме да кажеме дека до 1944 година историјата е само на бугарскиот народ, ние исто така имаме своја историја, свои личности, култура – изјави копретседавачот на мешовитата комисија за историски прашања Драги Ѓоргиев.

И после блокадата на Бугарија, историчарите од двете страни повторно ќе се состанат на 3 и 4 декември, а според досегашните најави, на дневен ред ќе бидат и жешките теми за Гоце Делчев.

Наспроти ова, премиерот Заев не го крие оптимизмот. Вели не сме биле многу далеку од договор со Бугарија.

Ние само треба да имаме добра волја, и да гледаме позитивно, да ја имаме проектирано иднината пред нас. Верувам дека до вториот Совет на министрите на 8, 9 и 10 декември, кога и да биде, ќе има средба меѓу мене и Борисов, а верувам дека нашите работни групи кои контактираат интензивно ќе создадат услови за тоа – се развиваат идеи, се разглобуваат секакви варијанвти во духот на дигнитетот и достоинството на двата народа да се изнајде европско решение со вградени европски вредности во него – изјави премиерот Зоран Заев.

И покрај притисокот на јавноста и граѓаните, ниту премиерот ниту шефот на дипломатијата до сега не открија за што точно се преговара со Бугарија, иако вицепремиерот Каракачанов беше јасен кога даде ултиматум Македонија да се откаже од постоењето пред 1945та година и од неколку народни херои, меѓу кои и Гоце Делчев. 

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста