Заев без план што ако Бугарија не блокира кон ЕУ: Да го немаше Гоце ќе требаше да го измислиме

Да го немаше Гоце ќе требаше да го измислиме, да биде мост на пријателство меѓу двете земји, изјави премиерот Зоран Заев велејќи дека немал план како би реагирала власта, доколку Бугарија ја блокира првата меѓувладина конференција на Македонија со Европската унија. Додека траат преговорите меѓу македонските и бугарските историчари, ова сценарио кое и сам го најави премиерот, е сосем реално, ако се знае дека источниот сосед условува Македонија да прифати дека пред 1945 година нема своја историја, за напредок во евроинтегративниот процес. Додека оваа опасност демне, Заев без алтернатива, верувал во успешни преговори.

-(Каква ќе биде вашата реакција доколку биде блокирана првата меѓувладина конференција?) Вие ме носите на планот Б. Не сакам да разговарам за план Б, јас верувам дека ќе успееме… Ќе дојде тоа време, тогаш ќе го дадам одговорот на прашањето. Да го немаше Гоце, ќе требаше да го измислиме, да биде мост на пријателство меѓу двете земји, изјави Заев.

Дека мора да се најде решение за историските прашања, порача и бугарскиот претседател Румен Радев. Вели крајно време е за политичко решение што ќе ги потврдело, сите принципи на почитување на историјата и добрососедството, како и почитување на бугарскиот јазик и идентитет.

-Тие се професионалци во својата област, тие се луѓе оддадени на Бугарија. Како и досега тие ќе ја бараат и бранат историската вистина и бугарскиот национален интерес. Мојата порака повеќе е до политичарите кои носат одлуки. Не можат да абдицираат од тој важен процес и за Бугарија и за Македонија и за ЕУ. Крајно време е да се најде тоа политичко решение, изјави Радев.

Инаку, покрај уцените, на бугарските политичари сега им пречи и што во Македонија се прославувал празникот 11 октомври. Европратеникот од ГЕРБ на Борисов, Андреј Ковачев, праша зошто му е на Заев потребна антибугарска провокација со прославата на овој празник и предупреди дека за лаги и антибугарска идеологија немало место во Европската унија.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста