Заев: БДП не порасна согласно очекувањата

Македонија остварила економски раст од 3.6% за 9 месеци годинава – објави државната статистика. Премиерот Заев признава дека бројките не ги исполниле очекувањата на Владата. Одредени сектори потфрлиле, па бројките биле пониски од проекциите. За потсетување, Владата се надеваше на економски раст од 4% во третиот квартал. Премиерот сега уверува дека очекуваниот раст од 3.8% до крајот на годинава ќе биде реалност. Изградбата на автопатот Кичево – Охрид делумно требало да придонесе кон растот.

-Според мене, 3,6 отсто раст на БДП е малку под моите очекувања. Јас очекував дека ќе биде четири проценти во третиот квартал, но веројатно одредени перформанси не ги дале очекувањата. Се водев од растот на индустриското производство кое беше 9,8 отсто, па 5,6 отсто, па последниот 4,4 отсто, но секако и другите дејности не ги дале очекуваните резултати. Но 3,6 отсто во третиот квартал, на завршено прво полугодие со 3,6 отсто, значи имаме просек од 3,6 отсто раст во три квартали. Проектирано е 3,8 отсто и ако постигнеме последниот, четвртиот квартал нешто над четири ќе го исполниме очекувањето од 3,8 отсто раст, изјави премиерот.

Според најновите податоци на Државната статистика, најголем раст е измерен во секторот Рударство и вадење камен од 6.8%, градежништвото со 5.5 отсто и трговијата со 4.9%. Сепак, загрижувачки е податокот за пад на економските активности од 0.5% кај преработувачката индустрија која би требало да биде еден од главните столбови на кои се потпира здравиот и одржлив економски раст. Домаќинствата и државата ја зголемиле потрошувачката за 3, односно 2%, а бруто инвестициите пораснале за скоро 15%. За првпат увозот растел побрзо од извозот. Во истиот период невработеноста се спуштила на 17.1%. Највисока стапка и натаму има кај најмладите. Во категоријата 15 до 24 година таа изнесува дури 35.3%.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста