Заев бара спас како дедо мраз – за државата или за себе?

Молби до граѓаните, ветувања дека сега ќе биде подобро и ќе се слушне гласот на народот – првиот човек на СДСМ Зоран Заев во последни очајнички обиди да се извлече од неизбежното  решавање на криминалните и корупциски афери и да остане на чело на владата по фијаското со изборните резултати. Откако првично ги нарече гласачите кои не гласале за нивната коалиција најголемо зло, Заев сега бара сопартијците и сите останати да го поддржат Шилегов за Скопје, ветувајќи дека СДСМ се освестила и во истиот момент почнувала да се корегира, но ниту во еден од неговите настапи не вети разрешница на скандалите кои ја тресат владата изминативе четири години.

-Јас не можам да водам влада, ниту влада предводена од мене да движат во погрешни правци, нашиот правец е напред, дома обединување и едно и еднакво општество за сите, владеење на правото, борба против криминалот и корупцијата, унапредување на економскиот стандард на граѓаните. Ако градот со тоа што се нуди од национализам, од поделби, од повторно разединување на меѓуетничките заедници, кичерај и слично не одат заедно, рече Заев.

А во изминативе неколку години не помина ниту еден месец да нема скандал од невидени размери кои ја тресат владата на Заев. Неговите најблиски соработници и покрај доказите за директна вмешаност во случаите ниту еден не доби судска завршница – случаите или се заглавени во фиоките на Обвинителството или истрагите уште траат.

Милионскиот рекетот кој ја здрма Илинденска заврши со пресуди само за Боки 13 и Катица Јанева иако снимките кои излегоа во јавноста и ги пренесуваа медиуми од светот јасно укажуваа на вмешаност на владата во истиот. Сепак се уште не се откри каде завршија парите од полната торба рекет. Нема никаква разрешница на случајот и со Ден Дончев за скандалот во кој целата јавност го виде како става снопчиња пари во својата чанта и влијанието во продажбата на фирмата Дијамед.

И милионскиот скандал „Леонардо“ во кој беше директно вмешан поранешниот владин генерален секретар Драги Рашковски нема разрешница, дополнително и новиот случај со серверите кои екс генсекот сам ги изработувал и одлучувал за нивно продавање. И криминалните иновации во фондот за иновации мистериозно беа заборавени. Нема разрешница за прислушкувањето во Јавното обвинителство, матните зделки со инсулинот и во РЕК Битола.

Во екот на пандемијата, македонската влада повторно го сврте светското внимание кон себе кога беше објавено дека преку фантом фирма се обидувала да набави кинески вакцини по многу повисока цена, по што Кина се посомнева во криминал и го врати авансот. По повеќе од еден месец од катастрофата со модуларната болница во Тетово и 14-те згаснати животи никој не понесе одговорност, ниту пак беше разрешен.

Последни во низата се дипломатските скандали – првично со разрешувањето на руските дипломати и нивно протерување, но и скандалот со притворањето на македонскиот дипломат Миленковски. Засега се уште нема одговор кој замижал на меѓународната потерница издадена пред година и пол од страна на Ерменија.

Единствено експресно беше решен скандалот во кој МВР издаде дури 215 оригинални пасоши на нарко босови од европа и светот, но наместо случај од вакви размери одговорност да понесат првите луѓе на институцијата, пресуди имаше единствено за вработени на шалтерите.

Но не само што нема никаква разрешница за ниту еден од низата криминали кои ја тресат Владата на Заев , ниту во Собранието не се процесуираат барањата за интерплација за министрите во неговата влада, па граѓаните не видоа ниту една одговорност на дело.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста