Заев: Ако имав информации за други лица вмешани во “Монструм” ќе ги посочев

Во 2015 се сомневаше дека во затвор за”Монструм” се вистинските сторители, за шест години потоа да каже дека нема информации за тоа дека друго лице е виновно за злосторството кај Смилковско езеро. Премиерот Заев во 2015 како опозиционер за германски “Ди Цајт” како што пренесоа повеќе медиуми не беше сигурен дека осудените лица се виновни, а истото го кажа и за домашните медиуми. Најавуваше нови моменти за масакрот во прислушуваните телефонски разговори.

“Не ја знаат вистината, ни оние кои се наводно виновни за убиствата во овој процес, и оние кои што ги изгубија животите, односно сега нивните семејства не веруваат дека е така како што е претставено во јавноста, и тие ја сакаат вистината”, изјави Заев во 2015 година.

По шест години Заев со поинаков став. Немал информации дека некој друг е инволвиран во масакрот. Се што имал како информација го споделил. Судот како што рече го има последниот збор. Секогаш кога зборувал за Смилковско езеро оставал резерва. Не смета дека случајот се искористил за политички поени.

“Ако имав информации во изминатите години ќе ги посочев. Никогаш не сум споменал дека друго лице е виновно. Преку читање на пресудите, достапни на тогаш 183 страни, секогаш сум давал одговор на новинарски прашања. Секогаш сум кажувал дека последниот збор е на правосудството. Тие ќе кажат што имаат во врска со случајот”, рече Заев.

Во завршните зборови во повторениот судски процес обвинителството повторно побара доживотен затвор за обвинетите. За Фатиме Фетаи нема дилеми дека тие се сторителите на делото, а дека бомбите на Заев не донеле нови елементи.

Алил Демири и браќата Африм и Агим Исмаиловиќ се обвинети за тероризам, а Фејзи и Хаки Азири за помагање во ова дело. Во петкратното убиство на 12 април 2012 година беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста