Заев: 2021 година на квантен економски скок

Годинава ќе биде период на економски квантен скок – токму со овие зборови премиерот Заев опиша какво заздравување на стопанството очекува во 2021-ва. Додека фирмите се борат да излезат од калта, а економијата од рецесија, тој зборува за идни проекти во енергетиката и земјоделството. Заев вети 5-ти сет антикризни мерки веќе од февруари и не заборави по којзнае кој пат да напомене дека производството на канабис и легализирање на парите под перница ќе ни помогнеле да ја завршиме годинава во  позитива.

Додека народот се шетал по слави, вредните административци работеле од дома  – вака министерот за финансии Фатмир Бесими го опишува нереалниот огромен раст од над 20% во реализацијата на капиталните инвестиции само во последниот месец од 2020-та. Бесими не знаеше да ги наброи најважните проекти кои екстремно брзо се завршиле во декември.

Бројките покажуваат дека до крајот на минатата година биле завршени 82% од капиталните проекти, односно биле потрошени 262 милиони евра. Сепак, овој процент на реализација е пресметан врз основа на неколку пати скратените капитални инвестиции со двата ребаланси на буџетот лани во висина од околу 300 милиони евра. Споредено со првично проектираните 387 милиони евра, реализацијата во 2020-та е меѓу најкатастрофалните или едвај 68%. Полоша од ланската е единствено 2018-та кога реализацијата на капиталните инвестиции изнесуваше недоволни 65% од планираното.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста