Забрането е да се складира отпад во близина на „Бунарскиот систем Лепенец“, Карпош продолжува да го прави тоа

Забрана за експлоатација на минерални суровини и забрана за депонирање на отпад. Ова стои во експертизата за „Бунарскиот систем Нерези Лепенец“ со која е опфатен и делот во кој се гради паркот во Карпош 4, дел од втората заштитена бунарска зона. Во документот до кој дојде Алфа стои оти се забранува површинска и подземна експлоатација на било која суровина, недозволено е депонирање, складирање и расфрлање на цврст градежен отпад, ниту пак правење на ископи за било какви намени во водоносниот слој. Експертите алармираат оти вадење на песок и чакал од почвата во заштитената зона е кривично дело. Велат на овој начин на Карпош му се подготвува еколошка катастрофа.

„Апелирам итно да се прекинат работите таму. Тоа може да го нареди судот, обвинителството или Антикорупциска комисија. Да се бара да се исчисти се што било фрлено, а чакалот да се врати во првобитната состојба. Еколошка бомба, односно Охис број 2 во Карпош 4 се создава“, вели пензионираниот професор од Градежниот факултет, Наум Гапковски

Жителите на Карпош со поделени мислења. Парк сакаат да има, но сепак се загрижени за безбедноста на водата, оти велат бунарите биле во непосредна близина на градилиштето.

Во меѓувреме, надлежните уверуваат оти со депонирањето на градежен отпад ќе добиеле цврста почва под паркот, а бунарите велат биле безбедни, но со ова не се согласуваат градежните експерти. Велат неодговорното работење на локалната и централната власт брзо за брзо време ќе удри по здравјето на граѓаните, па бараат итна реакција од институциите.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста