Забранет пристап на Водно и групирање на повеќе од пет лица, од утре значително присуство на Армијата

Војската излегува на улица. Од утре војниците заедно со полицајците ќе патролираат низ градови, а ќе имаат задача да ги спроведуваат мерките на владата за спречување на ширењето на болеста. Меѓу другото, ќе проверуваат дали се почитуваат наредбите за изолација на сомнителните случаи, но и најновата мерка со која се забранува собирање на група поголема од 5 луѓе.
- Почнувајќи од утре, ќе биде забележано значително присуство на Армијата комбинирано во заеднички патроли и активности за обезбедување на сите државни гранични премини на нашата татковина. Исто така ќе имате можност да забележите наше учество и присуство во комбинирани заеднички патроли со полицијата и органите во земјата- изјави генерал-потполковник
Во исто време, армијата ќе го зголеми присуството на границите, за да спречува евентуални илегални влегувања на луѓе од соседните земји, а кои можеби биле во критичните региони. Засега, од Армијата велат дека нема потреба за ангажирање на резервниот состав.
- Ќе се вклучат дополнителни ангажмани, но во моментот проценките на Генералштабот и препораките од Врховниот командант се дека нема потреба во моментов за било какви мобилизација на резервниот состав на Армијата. Имаме доволни капацитети човечки и технички, искуство, знаење, соодветни мерки.. -рече Ѓурчиновски.
Инаку доцна синоќа Владата усвои и дополнителен пакет мерки, го затвара паркот„Водно“ од 18 до 6 часот наредниот ден, ќе ги провери гласините дека се организирале забави во населбите Сопиште и Соње. И школите за обука за возачи ќе бидат затворени во наредните две недели.
Сите маркети, аптеки, банки и објекти кои даваат поштенски услуги да воведат редарски слижби или обезбедување, кои треба контролираат бројот на луѓе и метежот, растојанието од два метри мора да се почитува. Со мерките институциите треба да се организираат подобро, вработените од дома да ја извршуваат работата без да се наруши редот.
Викторија Миткова