За здравствените власти, луѓето кои транзитираат, не претставувале опасност за ширење на Ковид -19

Предлогот на Министерот за здравство Венко Филипче за воведување ПЦР тестови на граѓаните кои транзитираат сепак не беше прифатен на денешниот состанок на Комисијата за заразни болести. Иако постои можност и тие кои транзитираат да се заболени од Ковид 19 и да ја шират инфекцијата, според Комисијата, не претставувале опасност за ширење на вирусот.

Комисијата продолжува будно да ја следи ситуацијата и доколку се утврди дека има потреба, не се исклучени дополнителни мерки. Со постојните мерки, граѓаните кои транзитираат низ земјава потпишуваат изјава дека за 3 часа ќе ја напуштат земјата и не претставуваат опасност за ширење на коронавирусот во нашата земјa – пишува во соопштението на Министерството за здравство.

Здравствените власти се децидни –  оние што вршеле транзит не биле закана за ширење на вирусот. Барањето на Филипче за воведување на PCR тест и за транзит патниците дојде по бурните реакции на јавноста, но и на меѓународната заедница по скандалот кога авион од Скопје, кој слета во Финска имаше дури 24 заразени патници. Кај македонските граѓани се шири паника и страв – дали Македонија има контрола врз пандемијата, и зошто едноставно не се тестираат сите кои на било кој начин и од било која причина, влегуваат во земјава. Но има и такви, кои сметаат дека тестовите не се доволно веродостојни, а така луѓето се изложуваат на дополнителни трошоци.

Иако првиот човек на здравството излезе со информации дека во авионот за Финска летале само двајца македонски државјани, за странските земји очигледно не е важно кој какво државјанство има, туку од која земја патувал. А токму поради ова, е нејасно зошто се дозволува поради странските државјани, македонските граѓани ќе бидат ставени на листите на ризични земји, и вратите и понатаму ќе ни бидат затворени, се додека не се воведат дополнителни мерки, за кои како што велат здравствените власти, можноста, не е исклучена.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста