За Заев станало банално да се бара одговорност и оставки поради трагедијата во Тетово

За премиерот е банално да се зборува и бара одговорност за трагедијата во која изгореа 14 живи луѓе. Покрај тоа што во фиока ја чува понудената оставка на министерот за здравство Венко Филипче, Заев самиот веќе кажа дека не ни размислува за своја, за Мицкоски да не станел премиер. Па запрашан дали во СДСМ не постои замена за него, кажа дека таму имало многу способни луѓе, но порача дека повеќе не сака да навлегува во ова прашање.

-(КАЖАВТЕ ДЕКА НЕМА ДА ПОНЕСЕТЕ ЗА ДА НЕ БИДЕ МИЦКОСКИ ПРЕМИЕР, ДАЛИ ТОА ЗНАЧИ ДЕКА ВИЕ СТЕ ЕДЕН И ЕДИНСТВЕН И ВО ВАШАТА ПАРТИЈА НЕМА НЕКОЈ СПОСОБЕН ДА ВЕ ЗАМЕНИ?) Мислам дека ниту е соодветно на почитта кон пензионерите, ниту кон манифестацијата која ја имаме. Никако нема да дозволам понатаму да навлегувам во делот одговарање на прашањето, затоа што сигурно и вие приметивте дека станува банално ова целото ова. (ШТО БАНАЛО ПРЕМИЕР ДА СЕ БАРА МОРАЛНА ОДГОВОРНОСТ ЗА ТРАГЕДИЈА?) Моралната одговорност е испорачана господине новинар од страна на директорот, економскиот директор, заменик министерот и министерот, изјави Заев.

Трагедијата во Тетово во прашање ја доведе безбедноста и на другите модуларните клиники, за кои премиерот кажа дека биле изградени без дозволи. Заев дури и ги спореди со летните тераси на кафеаните и кафулињата. Кажа дека за нив немало дозволи, туку само решенија.

-Државата не градеше со одобренија за градба, статики, локациски услови како што се градат сите болници. Овде имаме времени модуларни контејнери и за нив имате примопредавање немате употребна дозвола. Кога давате времен објект поставување на маси пред кафичот или ресторанот, нема одобрение за градба имате решенија за поставување. (НЕ МОЖЕТЕ ДА СПОРЕДУВАТЕ КАФАНА СО ЧОВЕЧКИ ЖИВОТИ). Никој не сака тоа да го направи, изјави Заев.

По трагедијата во Тетово, во Прилеп се случи инцидент во кој беше оштетена таблата за струја, а фотографија од отворена табла за струја се појави и во Скопје. За ова премиерот вели не можеле функционерите да се самозапалат.

-Значи не верувам ниту министерот Венко Филипче, ниту директорот на болницата дека го отворил овој шкаф кој што го покажувате за струјата. А тие треба да бидат падарите и да го чуваат. Можеби граѓанин го отворил, можеби вработен во болницата го отворил, можеби инсталатери, електричари кои што го работеле, не го затвориле. Што треба сите да се посипеме со пепел и да се полиеме со бензин, да се запалиме, изјави Заев.

Министерката Јагода Шахпаска беше прашана и дали и кој направил технички прием на модуларната болница во Тетово, но одби да одговори на тоа прашања, велејќи дека се тоа ќе се откриело во истрагата на Обвинителството, а таа сега не смеела да зборува.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста