За време на длабока економска криза, институциите потрошиле милиони евра на непродуктивни набавки

Од набавка на лубриканти  до прескапи живеалишта на фламинга. Сомнителни поделби на пари го ситнат буџетот и на државата и на општините, во услови на пандемија кога секој денар треба да се штеди за да се зачува здравјето на граѓаните. Од кога почна корона кризата, се склучија бројни набавки во 4 очи. Меѓу нив, скандал предизвикаа тендерите од 17 милиони евра на ЕВН за струмичка компанија. Опозицијата тогаш обвини дека зад поскапувањето на струјата се крие „дил“ на универзалниот снабдувач со фирма за обезбедување од Струмица која е многу блиска до семејството на премиерот.

Бура во јавноста предизвика и тендерот на ЈП „Дрисла“ за изнајмување на градежни машини во период од 3 месеци, кој беше склучен во 4 очи. Тендерот го распишал директорот кој е братучед на сопругата на Драги Рашковски, а бизнисот го доби фирма исто така на негов братучед.

Министерството за здравство набави и 187 илјади кондоми и 50.000 лубриканти во време на пандемија. Јавноста прашуваше дали ова се приоритетните проекти на кои треба да се трошат пари во вакви услови.

Меѓу проектите за кои се троши вртоглава сума на пари се најде и езерото Младост, кое ќе стане Смарт езеро. Пари се трошат за воведување паметни елементи во менаџирањето со паркингот, детското игралиште, велосипедите.

Можеби Велес ќе има смарт езеро, но затоа во центарот на Скопје ќе се шетаат 41 диносаурус. Се работи за таканаречениот Дино – парк во скопската Зоолошка градина. Изградбата е започната пред една година, а досега чини околу 325.000 евра. (16.08. а.а.)

Лани, пак, Зоолошката градина реши да потроши 287 илјади евра за изградба на живеалишта за пингвини и фламинга.

Министерството за одбрана, пак, на крајот на август објави оглас за набавка на колачи, вафли и кекси во вкупна вредност од 57 илјади евра.

Цвеќе во вредност од 2.000 евра и пијалоци кои чинат 5 илјади евра набави Општина Штип. Ако општината пред две години за цвеќе потрошила 400 евра, годинава во ек на пандемија сумата ја зголемила за дури 5 пати.

За итни набавки за заштита од Ковид-19 биле потрошени 6,7 милиони евра – стои во анализата на Центарот за граѓански комуникации. Една третина од оваа сума ја потрошило министерството за внатрешни работи. Дури 43% од вредноста на сите тендери им припаднала само на пет фирми, иако вкупно 186 фирми добиле тендер поврзан со коронавирусот. Прва на листата на фирми кои склучиле договори во најголема вредност е прилепската „Гифти Текс“,за набавка на маски во МВР и Министерството за одбрана.

На секој трет склучен договор се преговарало само со еден купувач. Притоа се имало преголема разлика во цените, дури и кај производите од ист вид и квалитет. Понекогаш овие договори не содржат прецизна спецификација на производите и услугите кои се бараат, што остава простор за злоупотреби.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста