За влакно избегнат инцидент во струмичкото турско маало

За влакно избегнат инцидент во струмичкото турско маало. Стотици верници муслимани, вчера вечер, се пресметувале со полициски службеници и инспектори кои сакале да ја измерат јачината на звукот од локалната џамија. Околу 300 верници муслимани од турското маало каде доминира претежно ромско и турско население, буквално ги опколиле возилата со кои пристигнале полицајците и инспекторите од животна средина. Атмосферата се вжештила кога верниците муслимани почнале да се закануваат дека ќе ја запалат православната црква, заштитничка на градот Струмица.

Барајќи одговор што точно се случило Алфа ѕвонеше на телефоните и во Oпштината и во СВР Струмица. Двете лица задолжени за односи со јавност не се огласија на нашите повици. Од МВР го потврдија инцидентот. Велат немало нарушување на јавниот ред.

„Полициски службеници од СВР Струмица постапувале по претходно побарана асистенција од страна на Инспекторатот за животна средина по однос на проверка и контрола на бучавост на верски објект. Околу настанот нема евидентирани нарушувања на јавниот ред и мир и други прекршоци“, информираат од МВР.

Инаку, одлуката инспекторите да дејствуваат на терен била иницирана од група граѓани, кои доставиле петиција до Општината оти им пречела големата бучавост од звучниците на џамијата. Православните верници кои живеат во ова маало велат дека со верниците муслимани имаат добар соживот, но незадоволни биле од гласното пеењее на оџата.

Биљана Божиновска