За утре закажана конститутивна седница на Собранието

За утре закажана конститутивна седница на Собранието

Утре претпладне во салата Македонија ќе започне конститутивната седница која ќе го официјализира 11 парламентарен состав во македонската политичка историја.

Според Деловникот, со седницата ќе претседава најстариот по години пратеник, односно со 66 години Мерита Колчи Коџаџику од коалицијата ВРЕДИ. Доколку и таа не е во можност да претседава со седницата, тоа право преминува редоследно на наредниот највозрасен избран пратеник.

Четири точки се на дневен ред. Прва ќе биде изборот на претседател и членови на Верификационата комисија на Собранието, а потоа следи верификација на мандатите на пратениците. Третата точка е предлог за избор на претседател, заменик, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата и четвртата изборот на претседател на Собранието на Македонија.

Откако мнозинството од новите народни избраници ќе седнат во пратеничките фотелји, се конституира Собранието, а откако ќе се утврди кворумот, се избираат претседателот и членовите на Верфикационата комисија на Собранието, кои ќе ги потврдат мандатите.

Според членот 9 став 6 од новиот Деловник на Собранието, конститутивната седница трае најмногу три дена, а Собранието е конституирано со изборот на негов претседател.

По утрешната седница и официјално ќе почне да тече рокот од 10 дена со кој новоизбраната претседателка Гордана Силјановска Давкова е должна да му го довери мандатот на кандидатот на коалицијата која ќе обезбеди мнозинство во Собранието.

Штом го добие мандатот, согласно со Уставот, новиот мандатар има рок од 20 дена да му го достави предлогот за составот на новата влада на Собранието, по што почнува да тече рокот од 15 дена во кој треба да се закаже собраниската седница за избор на нова Влада, која пак не може да трае повеќе од два дена.

Доколку која било од партиите успее да формира мнозинство и се реши докрај да ги потроши сите рокови тогаш новата влада би била избрана некаде до крајот на јуни или почеток на јули.

Иако партиите ветија дека ќе изгласаат намалување на бројот на пратенички места и на овие избори кои се одржаа пред точно 19 дена, македонскиот парламентарен состав ќе има 120 народни избраници.

Љубиша Владимиров

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста

COMMENTS

Wordpress (0)
Disqus ( )