За три години донесени 377 закони, а сега власта пред избори предложи дури 123 предлог закони

Собранието предизборно ќе руши рекорди. Во последните две недели Владата испратила 123 предлог закони. Бројките се помалку чудни ако се знае дека за три години владеење на СДСМ донесени се вкупно 377 закони. Голем дел од овие закони предвидено е да бидат донесени по скратена постапка, односно да се заобиколи собраниската дебата.

Се поставува прашањето дали можеби целта е власта пред избори да се умилкува кај гласачите. Еден од законите кои е предвидено да се донесе е законот за младински додаток, тука се отвора дилемата зошто се чекаше до крајот на мандатот, ако се знае дека ветувањата за подобар живот на младите, беа едни од главните во програмата на СДСМ пред повеќе од 3 години.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека со ваквото штанцање закони, власта врши класична злоупотребува на Собранието.

-Во пресрет на предвремените парламентарни избори и на крајот на Владата на Зоран Заев, СДСМ погазувајќи ја демократијата и транспарентноста, сака преку овие закони да се додворува на гласачите, свесни дека во реалноста немаат направено ама баш ништо за македонските граѓани, изјави Мицевски.

Координаторот на пратеничката група на најголемата опозициската партија, Никола Мицевски, прашува дали еден пратеник има време во рок од неколку дена да разгледа толкав број закони и да даде квалитетни забелешки.

-Недоследноста и неквалитетот на законите ќе ги видите и вие, затоа што најголем дел од овие закони само за да се исполни политичката програма што СДСМ ја ветуваше во 2016 година, изјави Мицевски.

Еден од законите кои во минатиов период предизвика бура реакции во јавноста, а предвидено е да биде донесен преку скратена постапка е законот за опојни дроги. Инаку, токму ваквиот начин на гласање закони во минатото беше жестоко критикуван од тогаш опозициската СДСМ.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста