За Спасовски спорен е единствено предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за негов наследник во МВР

И власта и опозицијата тврдат оти преодната Влада ќе се договори, а со тоа и предвремените избори остануваат. Времето минува, ама договор нема. „Пречка“ останува МВР. Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, таму да седне Драган Ковачки, за СДСМ е неприфатлив. Со останатите, барем за идниот премиер, Оливер Спасовски нема проблем, ама има со неговит наследник во МВР. Вели, кога размислувал за Ковачки, на ум му доаѓала милитаризација на МВР.

-Треба да се почитува уставот. Kога размислуваме за овој кандидат размислуваме и за милитаризацијата на МВР, а тоа воопшто не е потребно во демократска држава и демократско општество. Не сакам да прејудицирам и да зборувам за човекот било што друго, изјави Спасовски.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак, велат дека ваквите изјави се должат на желбата на СДСМ да избега од избори. Па појаснуваат, токму според уставот секој граѓанин има право да учествува во вршење на јавни функции.

-Очигледна е желбата на СДСМ да бега од избори и да се спротивставува на професионализмот. А кога веќе се толкува Уставот, освен парцијално гледање на работите, добро е да го погледнат и членот 23 од Уставот, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Лидерите на најголемите партии на 20 октомври годинава се согласија предвремени парламентарни избори да се одржат на 12 април 2020 година.

Преодната Влада, инаку треба да стартува од 3 јануари, на 100 дена пред одржувањето на изборите.

Сања Трајковска Ставров

 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста