За што точно биле под рака дадени 300.000 евра и 2.000 квадрати земјиште?!

Екс премиерот Зоран Заев се огради од аудио бомбата објавена вчера на Јутјуб каналот „Лепливи раце“ во која се јавуваат сомнежи за поткуп и нелегално финансирање на кампањата за референдумот од септември 2018 години со кој се промени уставното име на Македонија. Тој вели оти опозицијата се обидувала да го инволвира во разговор кој се случил помеѓу трети лица.

„Се обидуваат со разговори помеѓу трети лица да го инволвираат Заев. Заев работел чесно и поштено и покажал комплетна посветеност за својот народ и својата земја. Уште еднаш ќе испратам порака до сите дека сето ова што го правеше е конкретно и видливо, а сето она што го зборува опозицијата е „бла-бла“ и ништо повеќе“, вели Заев.

Аудио бомбата која одекна вчера, а во која главна тема на разговор се имињата на екс премиерот Заев и неговиот прв соработник, генсекот Драги Рашковски, отвора друга дилема? За што, контроверзниот црногорски бизнисмен Миодраг Дака Давидовиќ, под рака дал мито од 300.000 евра и 2000 квадратни метри, како што вели атрактивно земјиште во Центар?

„Ти исплатив чесно 300 илјади, добивте 2000 квадрати екстра. Ако ја спроведеме работата ќе земете 2 милиони, оној ќе ви даде уште 2, ќе бидат 4. Мене ми е поевтино да ви подарам се“, вели машки глас во бомбите.

Лицето за кое објавувачот тврди дека е Давидовиќ вели дека нема да дава повеќе пари оти ништо од тоа што му било ветено не било исполнето. Од аудио материјалот, се навестува дека за даденото мито, на градежниот тајкун му било ветено изградба на ветерници и хидроцентрала во близина на Штип, но и можност да го купи земјиштето на поранешниот индустриски комбинат „Шик Јелак“ во Тетово.

„И јас да дознаам пред една недела од Рашковски, дека дури сега треба да вршат процена за Шик Јелак, после три години. Тој ден, кога беше и ти и Здравко, ми вети дека за седум дена ќе ми кажеш колку ќе чини остатокот. Дали е точно?“, се вели во бомбите.

На ова, лицето за кој објавувачот тврди дека е Кичеец, му нуди на бизнисменот веднаш да оделе на средба кај премиерот.

„Денес одиме кај премиерот, јас му кажувам на Зоки лично и персонално, еве го Дака, вие терајте понатаму преку Рашковски“, се вели во бомбите.

Во меѓувреме, порталот Курир пак пренесе дека Владата во јануари минатата година, ја разгледувала информацијата за имотот од стечајната постапка на должникот ШИК Јелак АД Тетово, за што доказ има и во официјалните записи од владината седница.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста