За што ќе заѕвони– за онлајн, офлајн или комбинирана настава?

Здравствените и образовните власти се уште тактизираат за стартувањето на новата учебна година. Идејата и стратегијата за тоа дали и како ќе седнат учениците во училишните клупи – ја нема. Засега е извесно, дека во училиштата, во кои, бројот на деца е мал – ќе има  редовна настава, со секојдневно одење во училиште. Треба да се најде решение – како ќе работат оние училишта, каде има голем број на деца во паралелките. Размислувањата на надлежните се во правец  дека, не би имало никаков проблем, односно, заразата со ковид, би била целосно под контрола, ако наставата, во овие паралелки, се организира во смени сепак, конечната верзија, ќе треба да ја усвои владата, најверојатно утре. Професорот Тафа Амети истовремено и член на СОНК, за Алфа вели дека најголемата грешка на надлежните е задоцнетото прекројување на  образовните протоколи.

“Требаше министерството да почне многу порано со некој вид на стратегија за почеток на школската година.Мислам дека се е задоцнето” – изјави Тафа Амети професор и член на регионалниот одбор на СОНК од Гостивар.

Неизвесностa, околу почетокот на новата учебна година,ги стави  на мака и родителите  и тие сметаат,  дека планот – како ќе се одвива наставата, досега, требаше да биде осмислен.

“Она што повеќе ме плаши што досега не се направи модул, односно да се направат модели од Март месец досега,на кој начин би можело да се врши одвивање на наставата.” – вели Сашка Николова, родител.

Доцнењето на протоколите ќе им ја отежне многу работата и на наставниците вели професор Амети.

“Едукативниот дел апсолутно преку онлајн наставата не можеме да го спроведеме. Секако тешкотиите се огромни.” – вели Амети.

Освен неизвесноста кај наставниците и родителите многу неодговорени прашања има и за првачињата.

Дали и колку првачињата ќе можат да носат заштитна маска за време на училишната настава? Колку наставниците ќе успеат да внимаваат да не доаѓа до блиска игра меѓу децата и да одржуваат физичко растојание? Што ако на ученикот маската му падне на под или пак не направи дезинфекција пред оброкот? Овие дилеми засега остануваат неодговорени.

 

Ања Василева 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста