За СДСМ државата е желботека само кога е во опозиција

Државата не е желботека, и не може да исполнува барања на опозицијата. Ова е ставот на вицепремиерката Радмила Шекеринска за поставените услови на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени избори.

-Каква е таа опозиција кога на која ќе и дадете предвремени избори, а таа вика „ќе учествувам ако ни ги исполните условите“. Па не е државава желботека, па да им ги исполнува условите, вели Шекеринска на гостувањето на 1ТВ.

Но, токму пред неколку години како опозиција, партијата на Радмила Шекеринска поставуваше низа услови за одржување на изборите поради кои и неколку пати, народното изјаснување беше одложувано.

-Нашиот став е многу познат. На крајот оваа криза мора да се реши со избори. Меѓутоа за да се реши кризата тие избори не смеат да бидат повторно криминални, корумпирани и манипулирани. Фер и демократски избори се решение, а тоа значи изборна реформа, нов состав на ДИК, чистење на избирачкиот список, слободни или барем, реформирани медиуми. Прашањето е кој услови треба да бидат задоволени, за да има избори, вели таа на 25.2.2016 година.

Ова не е првпат вицепремиерката да ги менува ставовите. Тоа е случај и кога станува збор за референдумите.

„За вистинска одлука на граѓаните се потребни целосни информации што е обврска и на Владата“, изјави Радмила Шеќеринска на 14 октомври 2004, од трибина во Тетово, во рамки на кампањата за бојкот на тогашниот референдум за задржување на старата територијална организација. Но, за овој референдум не беше најважно граѓаните предреферндумски да ги знаеја уставните измени, а пред 14 години тоа беше клучно. Бојкотот за Шекеринска и целото раководство на СДСМ, тогаш беше излез, а сега – трагедија.

Иако на интернет нема трага од кампањата на власта во 2004-та за граѓаните да си останат дома на денот на гласање, во архивите на весниците „се кријат“ тогашните ставови на сегашната власт.

Сања Т. Ставров